Германија бара прво реформи во ЕУ, па проширување, така Македонија останува да чека

Реформа на ЕУ за да не се загрози способноста на блокот да дејствува, па пристапување на нови земји-членки, ја пренесува „Еуроактив“ изјавата на Јерг Кукис, државен секретар во германската влада и главен советник на канцеларот Олаф Шолц.

Засега само источните и скандинавските земји се резервирани во однос на предлогот на Германија, која е убедена дека може да се постигне консензус за реформирање на ЕУ.

„Како германска влада имаме многу јасни позиции за ова, а одговорот е дека ни требаат институционални реформи. Барем во исто време со проширувањето“, додаде тој на трибината организирана од „Еуроактив“.

Германската влада ја истакна важноста од реформирање на ЕУ откако таа ја презеде функцијата минатата година. Коалицискиот договор дури ја обврзува владата да се заложи за развој на ЕУ како европска федерација. Оттогаш, германската влада усвои „попрагматичен“ пристап кој бара институционална реформа во рамките на постојната договорна рамка.

Германскиот канцелар Шолц за време на својот говор на Карловиот универзитет во Прага рече дека договорите „не се изрежани во камен“ и ја нагласи потребата да се промени едногласноста при гласањето во мнозинството на полињата на надворешната или даночната политика.

Освен Германија, досега и Франција и Шпанија се изјасниле дека блокот треба да се реформира. И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во еден од нејзините говори спомена дека со уставна конвенција може да се дојде до реформа на договорите.

Уште во мај годинава, 13 источноевропски и скандинавски земји-членки на ЕУ предупредија на „непромислени и предвремени обиди да почне процес за промена на договорите“.

Реформата на ЕУ треба да биде направена како предуслов за проширување што може значително да го забави процесот на проширување. „Ако го погледнете овој нон-пејпер на тринаесетте земји-членки кои изразија критики за институционалните реформи, тоа се главно држави кои се залагаат за брзо проширување“, вели Николај фон Ондарза, шеф на одделот за истражување на ЕУ на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП).

„Оваа перспектива на ЕУ од 30 плус во временската рамка на следните десет години според мене е клучот за институционалните реформи. Ако не успееме да ја отвориме вратата за нови реформи на ЕУ пред наредното проширување, тогаш овој моментум засекогаш ќе исчезне“, рече Ондарза.