Германија бележи остар раст на барањата азил

Бројот на подносителите на барањата за добивање азил во Германија во првите девет месеци од тековната 2021 година остро се зголемил, а најголем број од поднесените барања за азил во Европската унија се бележи токму во оваа земја, пренесуваат во саботата тамошните медиуми.

„Во целата Европска унија во првите девет месеци од 2021-ва поднесени се 355.955 барања за азил, што е за 15 отсто повеќе отколку во истиот период од минатата 2020 година. Најсилен раст е забележен во Германија каде што бројот на поднесените барања во споредна со ланската година е поголем за 33 отсто на 100.240 барања“, објавија медиумите од медумксата мрежа Funke, повикувајќи се на податоците од Eurostat.

Според истите податоци, на Германија отпаѓаат 28,4 отсто од сите барања за азил поднесени во првите девет месеци оваа година на подрачјето на Европската унија. По Германија следи Франција со 20 отсто, Шпанија со 11 и Италија со 8 отсто повеќе поднесени барања за азил отколку во 2020 година.

На дното од листата на земјите членки на ЕУ со поднесени барања за азил се наоѓа Унгарија, каде што во првите три квартала од 2021 година предадени се само 30 барања за азил.

Според националноста, најголем број подносители на барањата за азил доаѓаат од Авганистан и од Сирија, а потоа следат Пакистан и Ирак.

Минатата 2020 година, очигледно поради влијанието на пандемијата на коронавирусот врз миграциските струењеа, остро паднал бројот на подносители на азил во Европската унија, откако претходната 2019 година беа забележани 612.000 такви барања.