Водечките германски деловни здруженија ја повикаа во средата германската влада што поскоро да го реши проблемот со блокираните финансии по неодамнешната одлука на Уставниот суд за неуставноста на буџетот за компаниите подобро да ги планираат инвестициите во наредниот период.
„Федералната влада мора на краток рок да донесе поголема јасност на прашањето колку одлуката на Уставниот суд влијае на финансискиот простор на владата“, се вели во соопштението на Федерацијата на германските индустријалци (BDI).
Претседателот на BDI, Зигфрид Русвурм, побара од членовите на владата на канцеларот Олаф Шолц „повеќе одлучност“ во решавањето на буџетскиот проблем.
Минатата седмица Уставниот суд пресуди дека е неуставна конверзијата на 60 милијарди евра, од специјален фонд за борба против последиците од пандемијата во фонд за субвенционирање проекти што ќе ја направат германската економија одржлива.
Поради блокирање на средствата, кои меѓу другото беа наменети за субвенционирање на нови индустриски капацитети како што е новата фабрика „Intel“ на истокот од земјата, како и за субвенционирање на цените на струјата за индустријата, министерот за финансии Кристијан Линднер воведе блокирање на натамошни расходи на почетокот на неделата.
Претставникот на германската индустриска и трговска комора Петер Адријан изјави дека на германската економија ѝ е потребна можност за долгорочно планирање на расходите.
„Многу компании цврсто сметаа на средства од фондот за климатска трансформација, кои сега се блокирани поради одлуката на Уставниот суд“, вели Адријан.
По блокадата од 60 милијарди евра се разви дискусија за можноста за излез од финансиската криза. Лидерот на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU) Фридрих Мерц предложи блокирање на дополнителните расходи за зголемување на различните форми на социјални бенефиции, што за почетокот на следната година го планираше коалициската социјалдемократска-либерално-зелена влада.
„Сето тоа повеќе не можеме да си го дозволиме“, рече Мерц.
Аналитичарите очекуваат дополнителни аргументи во владејачката коалиција за прашањето на што да се потрошат намалените средства на располагање.