Претставниците на федералните и покраинските влади треба да се согласат на денешниот состанок за воведување на дополнителни, построги мерки на затворање, а медиумите известуваат дека овие мерки вклучуваат затворање на продавниците.
Според нацрт-документот на федералната влада, цитиран од медиумите, работењето на продавниците со исклучок на продавниците за прехрамбени производи и аптеките ќе биде забрането од среда, 16 декември до 10 јануари.
Ќе се дозволи работа на банките, поштите и бензинските пумпи. Во исто време, ќе се укине обврската за посета на училишна настава.
Новите построги мерки вклучуваат забрана за фризери и салони за масажа.
Понатамошните мерки вклучуваат забрани за јавни собири на новогодишната ноќ, а собири на најмногу 5 лица, без деца, ќе бидат дозволени во приватен круг.
Федералната влада објаснува дека се потребни нови мерки затоа што претходните не дале резултати.
„Сè уште бележиме постојано голем број нови инфекции секој ден“, се вели во документот.
Во Германија, мерките за затворање се во сила од почетокот на ноември, вклучително и забрана за угостителските објекти, како и културните и спортски објекти.
Некои федерални држави како Баварија и Саксонија веќе воведоа построги мерки.
Целта на денешната средба меѓу канцеларката Ангела Меркел и премиерите на федералните покраини е усогласување на мерките на сојузно ниво, бидејќи тие сакаат да избегнат прекумерни разлики во мерките меѓу одделните провинции.