Германија ќе и испорача на Грција пешадиски борбени возила (ИФВ) за да може владата во Атина да и предаде оружје од советски тип на Украина, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Ќе и обезбедиме на Грција германски борбени возила за пешадија“, изјави Шолц за новинарите по дводневниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел, додавајќи дека постигнал договор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пренесува Ројтерс.
Според британската агенција, германскиот канцелар не дал никакви детали за тоа какви борбени возила на пешадија ќе и предаде Берлин на Грција, ниту какво оружје Атина ќе му предаде на Киев.
– Министерството за одбрана ќе ги разработи деталите и брзо ќе го спроведе овој договор – рече тој.
Канцеларот Олаф Шолц се најде на удар на критики поради наводно одложување на испораката на оружје за Украина.
Берлин и понатаму одбива да испрати тешко оружје директно во Украина, иако Шолц вети дека ќе испрати нова опрема во источноевропските земји, во замена за старата советска, која украинските војници би можеле да ја користат без дополнителна обука, како што е случајот со Грција.
Секретарот на германското Министерство за одбрана Зимте Милер изјави дека Германија не му доставува оклопни борбени возила и тенкови на Киев бидејќи се придржува до заедничкиот став на федералната влада и сојузниците на НАТО за ова прашање.
Со тие зборови таа ги потврди пишувањата на некои медиуми дека постои неформален договор во Алијансата дека западните модели на оклопни транспортери и тенкови нема да и бидат испорачани на Украина.