Единаесетгодишно момченце е осомничено дека е вмешано во смртта на 10-годишно девојче во дом за заштита на деца и млади во јужна Германија, соопшти во петокот полицијата.
Телото на девојчето било пронајдено во вторникот во нејзината соба во институцијата во баварскиот град Вунзидел. Доказите собрани на местото на настанот „упатуваат на вмешаност на 11-годишно момче“ кое престојува во истиот објект, се вели во заедничкото соопштение на полицијата и локалното обвинителство.
„Бидејќи 11-годишникот не е кривично одговорен, превентивно е сместен во институција каде е под безбедносен надзор“, додаваат оттаму.
Случајот повторно ја разбранува јавноста во Германија која сѐ уште е во шок поради убиството на 12-годишното девојче кое минатиот месец беше избодено со нож од две девојчиња на возраст од 12 и 13 години во Фројденберг, на западот на Германија.
Полицијата и обвинителството не дадоа детали за случајот Вунзидел, велејќи накратко дека момчето сè уште не е сослушано и дека соработуваат со младинските власти во истрагата. Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман ги пофали истражителите за „релативно брзата“ идентификација на осомничениот.
„Сега е важно да се утврдат точните околности на оваа трагедија“, рече тој.
Домот за деца и млади во Вунзидел има околу 90 штитеници и соопшти дека е „апсолутно згрозен“ од смртта на девојчето. „Нашите мисли и молитви се со родителите, семејството, нашите деца и колегите“, се вели во соопштението на институцијата.