Германија: Етаблираните партии разгледуваат забрана на AfD

Во вторник, Бундестагот најави парламентарна расправа за наводното учество на Алтернатива за Германија (AfD) на состанокот на кој било планирано протерување на странците од Германија, додека раста барањата за забрана на оваа партија, која во меѓувреме ужива поддршка од речиси четвртина од гласачите.

„Мислам дека треба да ja соочиме со AfD со прашањето каква улога одиграла оваа партија на состанокот на кој се разговарало за протерувањето на странците од Германија“, рече Ролф Муетцених, претседател на пратеничката група на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD).

Социјалдемократите, заедно со другите две партии од владејачката коалиција кои сѐ послабо добиваат поддршка меѓу германските гласаи, Партијата на зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и Либерално-демократската партија (FDP), поднесоа барање темата за учеството на AfD на спорната средба да биде ставена на дневниот ред на собраниската расправа во четврток.

На контроверзната средба на крајот на ноември во Потсдам, покрај неофицијални претставници на AfD, учествувале и политичари од конзервативното крило на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU). На таа средба претставници на екстремната десница предложиле планови за т.н „ремиграција“, односно протерување на сите странци од Германија, вклучително и оние кои имаат германско државјанство и не се „асимилирани“, односно интергрирани во германското општество.

На состанокот се разговарало и за тоа како да се отстранат странските влијанија како рестораните кои нудат негерманска храна од знаменитостите на германските градови. Медиумите оваа средба ја нарекуваат и „Втора конференција на Ванзе“, алудирајќи на историскиот состанок од 1942 година, на кој врвот на националсоцијалистичкиот режим донесе одлука за геноцид врз европските Евреи.

AfD во меѓувреме го исклучи од членството помошникот на потпретседателката на партијата Алис Вајдел, Роланд Хартвиг, кој присуствувал на состанокот.

За време на собраниската расправа во четврток би можело да се разговара и за евентуалното започнување на процесот за забрана на AfD, чии покраински ограноци, посебнио во источниот дел од земјата се под постојан надзор на Управата за заштита на уставниот поредок (BfV) поради сомневање за тенденции за уривање уставниот поредок на СР Германија.

Челниците на SPD, но и на опозициската CDU се заложија за покренување на постапката за утврдување на можноста за забрана. Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, не го исклучи покренувањето на постапката за забрана, но истовремено нагласи дека „пречките на патот до забраната се многу високи“.

Минатиот викенд и на почетокот на седмицата во многу германски градови се одржаа протести против AfD, во органзиација на радикалмните левичарски фракции, на кои учествуваа неколку десетици илјади граѓани. Но се смета дека овие акции се организирани од власта, за да го „покрие“ во јавноста големиот протест и блокада на германските фармери, на кои им се придружија и машиновозачите, што ја парализираше земјата.

Во тековните анкети на јавното мислење, AfD е втора најпопуларна партија со месеци, со вредности меѓу 22 и 25 проценти од поддршката. На истокот од Германија, каде што годинава се одржуваат избори за локални парламенти во неколку сојузни покраини, AfD е убедливо најсилната партија со поддршка од над 30 отсто од гласачите. Тоа предизвикува стравувања од пресликување на ситуацијата од соседна Холандија, каде на неодамнешните парламентарни избори победи крајната десница.