Германија, Франција, САД, Велика Британија и Италија се солидаризираат со Израел

Германија, САД, Велика Британија, Франција и Италија доцна ноќта кон вторникот објавија заедничка изјава во која ја потврдија својата солидарност со Израел, по терористичките напади на исламистичката палестинска организација Хамас.

Заедно, тие изразија „континуирана и обединета поддршка“ за Израел „и недвосмислена осуда на Хамас и неговите ужасни акти на тероризам“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека петте земји „ќе се погрижат Израел да се брани себеси и своите граѓани од грозоморни напади“, напиша тој на платформата Х.

Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговараа со американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Риши Сунак и италијанската премиерка Џорџа Мелони и ја повторија својата поддршка за Израел.

Во заедничката изјава на петте земји се вели: „Сите ние ги признаваме легитимните аспирации на палестинскиот народ и поддржуваме еднакви мерки на правда и слобода за Израелците и Палестинците. Но, не правете грешка: Хамас не ги застапува овие аспирации и не нуди ништо за палестинскиот народ, туку повеќе терор и крвопролевање“.

Петорката „ќе го поддржи Израел во неговите напори да се одбрани себеси и својот народ од такви злосторства. Понатаму нагласуваме дека не е време ниту една непријателска страна кон Израел да ги користи овие напади за да бара предност“.

Во наредните денови тие ќе дејствуваат на обединет и координиран начин за да се осигураат дека Израел може да се одбрани и на крајот да создаде услови за мирен и интегриран регион на Блискиот исток, ветија тие.

„Јасно ставаме до знаење дека терористичките акции на Хамас немаат оправдување, немаат легитимитет и мора да бидат општо осудени“, се вели во соопштението.