Американски функционери во Бангкок конфискувале 200.000 заштитни медицински маски кои ги нарачале градските власти на германската престолнина Берлин, објави во петокот министерството за внатрешни работи на оваа германска сојузна покраина, обвинувајќи ги САД за „современо пиратство“.
Маските од типовите „FFP-2“ и „FFP-3“ кои штитат од инфекција биле наменети за берлинските полицајци, соопшти нивниот министер Андреа Гизел. „Државата Берлин ги нарача од американска компанија и ги плати“, додаде. Спроед весникот Tagesspiegel, маските се произведени во Кина.
Во изјавата министерот Гизел ги нападна САД велејќи дека на овој потег гледа како на „чин на современо пиратство“.
„Така не се однесувате кон трансатлантските партнери. Не смееме да се водиме од методите на Дивиот запад дури ни во време на глобална криза“, рече повикувајќи ја сојузната влада на Германија да бара од Вашингтон да се придржува на меѓународните прописи.
Берлин не е единствениот регион кој се пожали на вакво однесување. Франциски политичари неодамна ги обвинија САД дека купиле резерви заштитни маски наменети за Франција. Во екот на епидемијата во коронавирусот во Италија, владата во Рим протестираше за заплената на зашитни маски порачани од Кина во Словачка и Полска, кои потоа се извинија велејќи дека згрешиле мислејќи дека станува збор за недозволени пратки.
Вашингтон, инаку, со законот од времето на Корејската војна, активиран минатиот месец, ги принуди конгломератот „3М“ да ги снабдува САД со што е можно повеќе маски од типот „N-95“ какви што се користат во болниците. Оваа компанија, исто така, маските ги произведува и во Кина.