Германија ги предупреди своите граѓани за можно продолжување на протестите во САД со употреба на оружје

U.S. Capitol Building in Washington, U.S., January 6, 2021. REUTERS/Leah Millis

Германското министерство за надворешни работи ги предупреди своите државјани кои престојуваат во САД, ден по безредијата и упадот на поддржувачите на актуелниот претедател Доналд Трамп во Конгресот, дека не е исклучена можноста од продолжување на масовните протести со употреба на огнено оружје, стои во билтенот на германската дипломатија за состојбите во различните земји, ажуриран во четвртокот.

„Продолжувањето на протестните акции, вклучително и со употреба на огнено оружје не може да се исклучи. Во преодната фаза, сè додека новата влада не стапи на должност на 20-ти јануари 2021 година, ситуацијата може да се промени во секое време и немирите повторно да се разгорат“, се вели во објавата на германското министерство за надворешни работи.

Во врска со тоа на германските државјани кои престојуваат во моментов во САД им се препорачува да ја почитуваат мерката за полициски час воведена во Вашингтон, да го избегнуваат центарот на американската престолнина и „пред сѐ областа на Капитол Хил“, како и да се избегнуваат собири во текот на кои „може да дојде до насилство“.

Германската дипломатија, исто така, препорачува следење на објавите на локалните безбедносни служби и информациите во регионалните медиуми.

Во средата приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп, кои се собраа во Вашингтон да протестираат против потврдувањето на изборот на демократот Џо Бајден за нов претседател, упаднаа во зградата на Конгресот прекинувајќи ја седницата на којашто требаше да бидат потврдени резултатите од електорскиот колегиум во врска со претседателските избори од 3-ти ноември. Демонстрантите, како и Трамп, инстистираат дека гласањето било лажирано.

Припадниците на безбедносните агенции користеа солзавец и шок-бомби, гумени куршуми и пендреци но не успеаја да го спречат продорот на демонстрантите во Конгресот, кои подоцна се повлекоа по повторениот повик на Трамп.

Во безредијата загинаа четири лица, од кои за една жена на средна возраст е потврдено дека е убиена од истрел од огнено оружје во градите. Според локалните медиуми, станува збор за жена воен ветеран која учествувала во четири борбени мисии во странство, а во Вашигнтон допатувала токму поради протестите а наводно била застрелана од висок фунционер на безбедносните служби. За другите три жртви се наведува дека наводно починале поради влошување во текот на безредијата, можно и поради големите количества солзавец користени во потиснување на демонстрантите од Конгресот.

Началникот на вашингтонската полиција Роберт Конти изјави ноќта кон четвртокот дека 47 од 52-те досегашни апсења се однесувале на нарушување на полицискиот час кој во градот почнува во 18 часот, а дека 26 од нив биле упсени во областа на Капитол Хил. Неколкумината други биле уапсени за поседување оружје за кое немале дозвола или е забрането, но не кажа дали директно биле поврзани со безредијата.

Началникот додаде дека наводно во седиштата и на републиканската и на демократската национална конвенција биле пронајдени две експлозивни направи, а дека на Капитол Хил бил откриен и резервоар со молотови коктели.

Се очекува дека бројот на уапсените ќе расте, а демократската градиначалничка на Вашингтон ги повика граѓаните да ги пријавуваат демонстрантите кои ќе ги идентификуваат од објавените снимки и фотографии. И Федералното биро за истраги (FBI) побара од јавноста да му се испраќаат фотографии и видеоснимки за да се идентификуваат оние кои „активно поттикнувале насилство“.