Германија ги зајакнува безбедносните мерки во страв од антисемитски напади

Германските власти очекуваат бран антисемитски напади врз еврејски објекти во Германија, како и протести пред амбасадите на земјите кои го поддржуваат Израел, пред сѐ САД, објавија во петокот германските медиуми, известувајќи дека властите ги зајакнуваат безбедносните мерки.

„Го зголемивме нивото на безбедност пред еврејските објекти во Германија, како што се синагогите или училиштата“, изјави директорот на Федералната канцеларија за борба против криминалот (BKA), Холгер Минх.

Засилени протести се очекуваат пред претставништвата на Израел и САД, без разлика дали е издадена дозвола за собир.

Преку каналот Telegram, Хамас повика на протестни собири ширум Европа за овој петок. Според внатрешните досиеја што ги виделе некои германски медиуми како дневниот весник Koelner Stadtanzeiger, Федералната канцеларија не ја исклучува можноста Хамас да ги повика своите следбеници да нападнат згради, како што се синагоги.

Истовремено, како што се наведува, постои опасност од „спонтани случаи на радикализација“ од лица кои досега не им биле познати на властите како членови на исламистичката сцена.

Имајќи предвид дека и Израел побара испорака на муниција од германската влада, BKA очекува напади врз германската воена индустрија, не само од исламистите, туку и од екстремните левичарски групи.

 

Страв од инциденти во училиштата

Комесарот на федералната влада за борба против антисемитизмот, Феликс Клајн, стравува од зголемување на антисемитските чувства, особено во училиштата.

„Веќе имаме извештаи за истакнати палестински знамиња во германските училишта и стравуваме дека конфликтот во Израел ќе биде префрлен и во германските училишта“, вели Клајн.

Од мигрантскиот бран 2015/2016 година, уделот на арапското население во Германија се зголеми, и тоа не само во поголемите градови.

Во последниве години, исто така, има зголемување на бројот на напади врз луѓе кои ги нагласуваат еврејските обележја, како што се носењето на Давидовата ѕвезда или кипата, традиционално покривање на главата за мажите.

Во берлинскиот кварт Ноекелн, арапската заедница на улиците во саботатаотворено го прослави масакрот врз израелските цивили од страна на Хамас.

Во четвртокот германскиот канцелар Олаф Шолц најави забрана за работа на организацијата Самидун, која досега организираше собири со антисемитски слогани.