Германија го повика СЗО да ја забрза ревизијата на своето управување со пандемијата

Германскиот министер за здравство ја повика Светската здравствена организација (СЗО – WHO) да ја забрза ревизијата на сопственото управување со пандемијата на коронавирусот, што се толкува како сигнал дека Европа зазема построг став кон ова тело на Обединетите нации.

Германија во моментов претседава со Европската унија, а досега имаше заштитнички став кон СЗО која е под жестоки критики од САД, кои најавија излегување од организацијата којашто обилно ја финансираат, обвинувајќи дека имала попустлив став кон Кина во врска со ширењето на новиот коронавирус. Сега се чини дека и официјален Берлин зазема поагресивен став.

„Кога станува збор за повторното оценување на работата на СЗО во текот на кризата, во вторникот во Париз имав можност да разговарам со директорот Тедрос Аданом Гебрејесус, како и пред две седмици во Женева. Во двата разговора многу јасно го охрабрив да формира независна комисија од експерти и да го забрза почнувањето на нивната работа“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан.

СЗО минатата седмица објави дека ќе формира независна комисија која ќе го проценува управувањето со пандемијата и одговорот на владите на пандемијата на коронаврусот. Нејзиниот челник рече дека комисијата во номеври на министрите за здравство ќе им го предаде првиот извештај, а дека конечниот ќе биде готов во мај следната година.

Шпан, пак, истакнува дека извештајот е важен сега, додека пандемијата и натаму го пустоши светот, бидејќи „веќе може да се носат заклучоци“. Тоа би можело да доведе до брзо дејствување по прашањето на менаџирањето и подобрувањето на „соработката еѓу политичките и научните нивоа“ на организација, додава германскиот министер.

Европските држави истакнуваат дека ревизијата треба да биде проследена и со престројување на организацијата, за што веќе станало збор и во самите ОН, и во рамки на групата седум најразвиени земји Г7.