Германија и Чешка бараат целосно откажување од руските енергенси

Германија и Чешка вршат притисок врз Европската унија да разговара за тоа како да се елиминира преостанатиот увоз на енергенси во Европа од руски извори, изјавија во вторникот дипломати на ЕУ за Reuters.

Двете земји ќе побараат од Брисел да започне редовни разговори на високо ниво, потенцијално меѓу министрите за енергетика на земјите, за тоа како целосно да се прекине увозот на руската енергија. Москва го намали извозот на гас во Европа откако членките на ЕУ воведоа санкции по инвазијата на Украина во 2022 година, вклучително и на енергенси, а подморската експлозија на четирите цевководи ги затвори целосно гасоводите Северен тек од поранешниот главен руски снабдувач со гас во Германија.

ЕУ тврди дека брзо ги заменила руските енергенси со обновлива енергија и гас од други добавувачи по далеку повисоки цени, но блокот сепак доби 15 отсто од својот гас од Русија минатата година, и е под политичкиот притисок со целосно откажување од руските енергенси да ги намали приходите на Москва.

Русија испорачала повеќе од 15,6 милиони тони руски течен природен гас (LNG) до пристаништата на Европската унија минатата година, според аналитичката компанија Kpler, што е скок за 37,7 отсто во споредба со 2021 година.

Берлин и Прага, која во април 2022 година специјална дозвола од ЕУ за увоз на ураниум од Русија за двете чешки нуклеарни централи „Темерин“ и „Дуковани“ кои се обезбедија со гориво до крајот на 2024 односно до 2025 година, ќе го упатат повикот за време на состанокот на министрите за енергија на ЕУ во четврток во Брисел, изјавија дипломати на ЕУ за Reuters. Министрите ќе разговараат за пречките со кои се соочуваат при постепено укинување на рускиот увоз на енергeнси. Членките на ЕУ, вклучувајќи ги Австрија и Унгарија, сè уште се во голема мера зависни од увозот на евтиниот руски гас.

Потегот на двете земји е еден од многуте начини на кои ЕУ се обидува да ја заобиколи недоволната поддршка за санкциите меѓу земјите-членки. Унгарија постојано повторува дека ќе ги блокира целосните санкции против Русија, поради можниот тежок удар врз нејзината економија, имајќи ја предвид нејзиината географска положба.

ЕУ веќе го забрани увозот на руски јаглен, како и на суровата нафта транспортирана по поморски пат која сепак нејзините членки ја купуваат преработена во трети земји, а со исклучоци за некои земји без излез на море. Брисел постави цел да го прекине потпирањето на Европската унија од руските енергенси до 2027 година.

Одделно, земјите од ЕУ разговараат за санкции за трансспорт и транзит на руски течен природен гас (LNG) во Европа, но не размислуваат за целосна забрана на увозот. Блокот, исто така, одобри правна опција за земјите од ЕУ да ги блокираат руските компании да ја користат нивната инфраструктура за увоз на гас. Сепак, Шпанија и другите членки изразија загриженост дека доколку го направат тоа самите, рускиот LNG едноставно ќе тече до други пристаништа на ЕУ наместо тами, потсетува Reuters.