Германија им се заканува на лабораториите со тужби поради доцнењето на вакцината

Германската влада се закани со судски тужби за лабораториите кои „не ги почитуваат своите обврски“ во испораките на вакцината против коронавирусот за Европската унија, во атмосфера на тензии поради доцнењето на севкупниот контингент на англо-шведскиот производител „AstraZeneca“.

„Доколку се утврди дека компаниите не ги почитувале своите обврски, ќе мора да преземеме правни чекори. Ниедна компанија не може дополнително да дава предност на друга земја во однос на ЕУ“, се закани германскиот министер за економија и енергетика Петер Алтмајер во разговорот за дневниот весник Die Welt во неделата.

Изминатата седмица се затегнаа односите меѓу европските челници и компанијата „AstraZeneca“ која доцни со испораките на предвидените 80 милиони дози од нејзината вакцина против коронавирусот за ЕУ. Компанијата соопшти дека може да испорача „само четвртина“ од дозите кои ѝ ги ветила на ЕУ во првиот квартал правдајќи се со „намалување на производството“ во фабриката во Белгија која за неа ја произведува вакцината.

Европската унија отворено ја обвинува „AstraZeneca“ дека во испораките на вакцината ѝ дала предност на Велика Британија, со што наводно ги прекршила договорите кон Брисел. Но од компанијата одговорија дека ЕУ доцнела со потпишување на договорот со нив три месеца, и дека производството на вакцината е планирано да се одвива од териториите на кои се произведува за земјите во кои се испроачува. Лондон, исто така, остро реагираше на барањето на Брисел дел од вакцините кои се произведуваат на британска територија да се пренесочи кон ЕУ.

Европската унија реагираше така што во петокот воспостави механизам за контрола на извозот на вакцините кои се произведуваат на нејзината територија. Овој механизам ќе овозможи „побрзо вакцинирање“, истакнува во разговорот министерот Алтмајер.

Меѓутоа, „AstraZeneca“ не е единствената компанија којашто европските челници ја критикуваат поради доцнењето на испораките на вакцината. И Италија минатата седмица се закани со тужби за американсиот производител „Pfizer“ поради доцнењето во испораките на вакцината.

Во Германија во понеделник треба да се одржи средба на национално ниво на којашто ќе учествуваат германските власти и произведувачите на вакцианта за да разговараат за доцнењата.

Тензиите пораснаа откако во петокот, на 29-ти јануари, „AstraZeneca“ доби одобрување за својата вакцина во ЕУ. Тоа е третата вакцина против Covid-19 која доби одобрување од Европската агенција за лекови (EMA), по американските „Pfizer/BioNTech“ на 21-ви декември и на „Moderna“ на 6-ти јануари.