Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во саботата ја поздрави мировната иницијатива на Кина за ставање крај на војната во Украина, но отфрли какви и да се територијални отстапки за Русија.
„Праведен мир претпоставува оној што го нарушил територијалниот интегритет, односно Русија, да ги повлече своите војници од окупираната земја. Светскиот мир се заснова токму на фактот дека сите ние го признаваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја“, рече Баербок на безбедносната конференција во Минхен.
Германската позиција, продолжи таа, е дека без целосно повлекување на руските сили од Украина, нема шанси да се стави крај на речиси едногодишниот конфликт, а сите барања за завршување на војната со територијални отстапки за Русија се неприфатливи.
Таа, по примерот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека рускиот претседател Владимир Путин „не треба да биде награден за инвазијата на Украина“ и дека „тоа е начин да се спречат оние кои сакаат да го имитираат“.
Столтенберг претходно изјави дека Кина внимателно го следи исходот од украинската војна и дека ги оценува сопствените планови во „својот дел од светот“. Постојат стравувања дека руската победа во Украина ќе ја поттикне Кина да употреби воена сила против Тајван.
Претходно во саботата во Минхен, Кина објави дека ќе претстави мировна иницијатива за ставање крај на едногодишната војна во Украина, која се заснова на дијалог меѓу завојуваните страни и почитување на територијалниот интегритет по принципите на Повелбата на Обединетите нации.
Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Пекинг ќе претстави предлог за политичко решение на украинската криза. Без да прецизира на кого се мисли, Ванг исто така истакна дека има „сили кои не сакаат преговорите да успеат и војната да заврши“ и дека „санкциите не ги решаваат конфликтите меѓу државите“. По конференцијата, Ванг ќе отпатува директно за Москва.
На прашањето колку шанси ѝ дава на кинеската иницијатива, Баербок рече: „Ако работиш за мир цела година, треба да ја искористиш секоја шанса за мир“.