![fridrih merc](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/12/fridrih-merc.jpg?resize=696%2C490&ssl=1)
Водечкиот (ткн шпицен) кандидат за канцелар на германските парламентарни избори следниот месец, демохристијанинот Фридрих Мерц, го оспори табуто за соработка со крајната десница, откако во средата предложи планови за ограничување на миграцијата што може да ги усвои партијата Алтернатива за Германија (AfD).
Мерц, лидер на германскиот конзервативен блок Христијанско-демократската унија (CDU) и бавараската Христијанск-социјална унија (CSU), кој води во анкетите пред парламентарните избори на 23 февруари, има намера да го преземе водството во миграциската политика, која се врати во центарот на вниманието откако минатата седмица беше уапсен барател на азил од Авганистан поради смртоносни напади со нож.
Лидерот на опозицијата во парламентот претстави два необврзувачки предлога кои повикуваат на зголемени безбедносни мерки и затворање на копнените граници на Германија за илегалната миграција. Сепак, со оглед на тоа што социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и Зелените се противат на предлозите, Мерц ќе зависи од поддршката на AfD, меѓу другите помали партии, за усвојување на предлозите, а тој експлицитно ја поздрави поддршката од која и да е партија.
Критичарите, вклучително и Шолц, тврдат дека тоа го уништува непишаното правило меѓу етаблираните политички партии дека нема да соработуваат со AfD, партија која германските безбедносни служби ја следат поради наводно сомневање за десничарски екстремизам, со цел да ја држат надвор од власта, со негативна медиумска хајка со бројни подметнувања и дезинфорамации, па дури и барања да биде забранета, откако оваа суверенистичка и противдоселеничка партија за кусо време стана втората по моќ политичка групација во Германија.
„Од основањето на Сојузна Република Германија пред повеќе од 75 години, секогаш постоел јасен консензус меѓу сите демократи: ние не се обединуваме со екстремната десница. Вие во афект го прекршивте тој основен консензус на нашата република“, рече Шолц во својот говор пред парламентот во средата.
Шолц, исто така, го обвини Мерц дека не си стои на своите зборови. Имено, во ноември Мерц им предложи на мејнстрим партиите да не воведуваат предлози во долниот дом на парламентот за кои ќе биде потребна поддршка од AfD за да се гласа.
„Многу граѓани веруваа во тоа и во вашиот збор, но каква вредност имаат сега тие зборови?“, запраша Шолц предупредувајќи на можна коалиција меѓу конзервативците и AfD по изборите која неговите социјалдемократи би ги направила непотребни во идната влада, иако демохристијаните засега ја отфрлаат таквата опција.
Посилна поддршка за AfD
Мерц, кој во петок има намера да го претстави предлог-законот за натамошно ограничување на миграцијата, му одговори дека одлуката не е погрешна само затоа што ја поддржуваат „погрешни луѓе“, но рече дека е вознемирен од фактот што таа мора да зависи од поддршката од AfD.
„Можно е AfD да обезбеди мнозинство за неопходен закон тука во германскиот Бундестаг првпат во петок“, рече тој.
Мерц ги обвини SPD на Шолц и Зелените дека го блокираат, како што рече, неопходниот пресврт во политиката за азил, откако милиони баратели на азил пристигнаа во земјата последните години, бегајќи од војните и сиромаштијата на Блискиот исток, Африка, Авганистан и Украина.
Според владините податоци, бројот на баратели на азил е намален откако владата на Шолц усвои низа закони последниве години за да ја спречи миграцијата и спроведе дополнителни гранични контроли, но Мерц тврди дека тоа не било доволно.
Мерц продолжува да ја отфрла можноста за коалиција со AfD, за која предизборните анкети предвидуваат дека ќе го освои вториот најголем број гласови.
Но, аналитичарите велат дека со слабеење на таканаречениот „огноѕид“ околу крајната десничарската партија, Мерц би можел да ја легитимира AfD, а истовремено да ги одбие конзервативните гласачи поблиску до центарот. Но како една од причините за подемот на AfD изминатите години се наведува токму приливот на гласачите од конзервативниот демохристијански корпус од електоратот поради незадоволството од миграциските политики спроведувани од претходната влада предводена од нивната канцеларка Ангела Меркел.
Поддршката за CDU/CSU падна за три процентни поени на 28 отсто неколку дена откако Мерц вети дека ќе ја ограничи миграцијата, според анкетата објавена од компанијата Fors во вторникот. SPD на Шолц ужива 17 отсто поддршка откако доби два процентни поени повеќе, како и AfD, која во моментов ги има гласовите на 21 отсто од Германците.
Алис Вајдел, кандидатката на AfD за канцеларка, во средата ги обвини етеблираните партии за непочитување на германските гласачи.
„Тканаречениот заштитен ѕид не е ништо повеќе од антидемократски картелски договор (со цел) да се исклучат милиони гласачи“, рече таа за време на парламентарната дебата во средата.