Германија треба да ја зголеми минималната плата за околу 17 отсто во 2026 година за да ја усогласи со регулативите на Европската унија, предупреди во понеделникот министерот за труд Хубертус Хајл.
Комисијата за минимална плата во јуни минатата година го зголеми износот на бруто минималната плата во Германија во 2024 година за 18,7 отсто, на 12,41 евро за час труд, посочувајќи ја во образложението највисоката инфлација откако статистичкиот завод ги следи податоците и прогнозите за умерено закрепнување на економијата.
Во 2025 година сумата треба да се зголеми за само 3,3 отсто, на 12,82 евра на час, утврди комисијата.
Одлуката предизвика бран жестоки критики бидејќи е донесена исклучиво благодарение на гласот на претседавачот Кристијана Шенфелд, потсетува деловниот весник Handelsblatt. Синдикалците предупредија дека поскапувањето не е доволно.
Во понеделникот им се придружи и министерот за труд кој предупреди дека сумата не е во согласност со директивите на ЕУ.
„Последното зголемување беше премногу скромно“ и треба да се коригира, рече министерот Хајл во понеделникот во емисијата „Моргенмагазин“ на ARD.
Комисијата мора да ја почитува директивата на ЕУ, според која минималната плата за вработените со полно работно време мора да биде најмалку 60 отсто од просечната плата, нагласи Хејл.
Германската конфедерација на синдикати пресметала дека според оваа одредба таа треба да изнесува 15,27 евра на час.
Министерот Хејл смета дека од 2026 година треба да изнесува околу 15 евра, се вели во писмото до комисијата во кое увид имала агенцијата Reuters. Тоа би значело дека треба да се зголеми за 17 отсто во однос на 2025 година.
Комисијата кон средината на следната година ќе ја утврди сумата за 2026 година.