Германија: Нападнат со нож политичар на AfD

Политичар од крајно десничарската суверенистичка партија Алтернатива за Германија (AfD) беше нападнат со нож во западниот град Манхајм доцна во вторникот, објави агенцијата dpa во средата.

Мажот е повреден, а насилникот е приведен. Полицијата во Манхајм само потврди дека е извршена полициска операција, но соопшти дека подоцна ќе соопшти повеќе детали.

Според локалниот огранок на AfD, инцидентот се случил во близина на локалниот пазар. Кандидатот на AfD бил избоден со нож откако се соочич со некој што кинел изборен плакат на партијата.

Кандидат за општински совет од AfD бил ранет во нападот со нож синоќа во Манхајм, а „еден од тројцата напаѓачи беше приведен ушпте истата вечер“, објави весникот Bild.

Двајца други напашачи избегале, појаснува весникот, цитирајќи го претставникот на AfD, Емил Зензе. Тој, исто така, за Bild изјави дека оружјето користено во нападот било секач за кутии. Лекарите во болницата го сошиле повредениот политичар.

Инцидентот се случил во вторникот во 22:45 часот, во близина на пазарот. Според весникот, 62-годишниот кандидат на AfD, Хајнрих Кoх, видел непознати лица како ги кинат изборните плакати. Политичарот интервенирал, што резултирало со нападот врз него. Локалната полиција потврдила за весникот дека сè уште го истражува инцидентот.

Инцидентот доаѓа три дена откако германски полицаец беше избоден до смрт во истиот град минатата седмица на антиисламски митинг.

Полицаец беше нападнат во петокот откако се обиде да го одбрани антиисламистот Михаел Штурценбергер, кој на главниот плоштад во Манхајм постави штанд за неговата организација PAX Europe, позната по својата пропаганда против муслиманите во Германија. Во таа прилика беше нападнат и повреден со нож од 25-годишен Авганистанец кој од 2014 година живее во Германија. Потоа беше нападнат и полицаецот кој му пришол на помош на Штурценбергер.

Нападот во Манхајм, како и неодамнешната пресуда против Палестинец кој уби двајца тинејџери со нож во локален воз на крајот на минатата година, повторно ја разгореа дебатата за насилството меѓу мигрантите во Германија.

Берлинскиот дневен весник Berliner Zeitung во неделата ја објави најновата статистика за градот-федералната држава Берлин, која укажува дека странците се сторители во повеќето случаи кога станува збор за напади со нож, коишто, според полициската статистика, „се случувале на дневен основа“ во 2023 година.

Меѓу напаѓачите, 53 отсто се лица без германско државјанство, иако странците во Берлин сочинуваат 24 отсто од населението. Од сторителите со германски пасош, 17 отсто од нив имаат и друго државјанство. Најголем дел од сторителите се државјани на Турција, Сирија, Бугарија и Авганистан.