Германската влада одлучи да не открива информации за какви било дополнителни испораки на оружје во Украина, изјави портпаролот на кабинетот во понеделникот во Берлин.
Тој рече дека овој потег има за цел „да се избегнат безбедносни ризици“. Портпаролот на германското Министерство за одбрана Арне Колац изјави дека „главната цел на Русија е да ги прекине патиштата за испорака до Украина и да ја подобри сопствената одбрана“.
„И ние не сакаме да помогнеме во тоа“, рече тој.
Претходно, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок повика да се избегнуваат јавни дискусии за тоа какво оружје ќе и се доставува на Украина во иднина и како.
На 3 март, новинската служба ДПА објави дека германската влада планира да и даде на Украина 2.700 противвоздушни ракети „Стрела“.
На 26 февруари германската влада за прв пат одобри испорака на оружје за Украина. Берлин одлучи да испрати 1.000 противтенковски оружја и 500 ракети „Стингер“ на владата во Киев. Претходно тој ден беше објавено дека Германија им дозволила на Холандија и Естонија да испратат старо оружје од германско производство во Украина. На 2 март беше објавено дека оружјето што Берлин му го ветил на Киев е доставено до Украина.