Германија очекува Полска да го разјасни скандалот околу шенген-визите

Германската влада очекува полската влада брзо да го расветли скандалот поврзан со издавањето на стотици илјади шенген визи во полските дипломатски претставништва во Африка и Азија, беше објавено во средата во Берлин.

„Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, имаше телефонски разговор со нејзиниот полски колега Мариуш Камински во врска со ова прашање, а во Министерството за внатрешни работи на брифинг беше поканет и полскиот амбасадор во Германија, Дариуш Павлос“, соопшти германското минситерство.

Германската страна, како што се наведува натаму, побарала од полските колеги информации за привремено издавање визи за Шенген зоната, како и за државјанства на имателите на виза.

„Очекуваме брзо и целосно расветлување на сериозните наводи за можна визна измама“, се вели во соопштението.

Според информациите на лидерот на полската опозиција Доналд Туск, полските дипломатски претставништва издале до 250.000 шенген визи на апликантите во азиските и африканските земји за значителни суми пари.

Европската комисија, исто така, побара од полската влада да ги разјасни обвинувањата за корупција во полските дипломатски претставништва.

Полската влада ја отфрла вмешаноста на владини претставници во скандалот. Министерот за внатрешни работи Камински го обвини германскиот печат дека целосно се потпира на „ѓубрето што го шири опозицијата“.

Во екот на скандалот, висок функционер во Министерството за надворешни работи во Варшава, кој бил задолжен за конзуларни прашања, поднесе оставка на крајот на август.

Според извештаите во печатот, голем број лица кои пристигнале во Европската унија со нелегални визи оттогаш ја напуштиле Полска во правец на западните земји членки.