Германија одбива да се откаже од руските енергенси

Германскиот канцелар Олаф Шолц повторно во вторникот ги отфрли повиците на некои земји членки на Европската унија да воведат ембарго на снабдувањето со руска енергија по нападот на Русија врз Украина

Прашањето за приклучувањето на ембаргото на САД ги подели министрите за надворешни работи на членките на ЕУ. Некои меѓу нив, вклучително и Германија, предупредуваат дека Унијата не би можела да се носи со последиците од таквиот потег, бидејќи премногу зависи од руските фосилни горива.

Шолц изјави дека санкциите воведени кон Русија веќе се одразуваат на нејзината економија и дека секој ден ќе биде сѐ подраматично. Додаде дека санкциите се дизајнирани на долг рок да бидат толерантни за оние кои ги воведуваат и затоа ставот на Германија за енергетски бојкот останува непроменет.

Канцеларот додаде дека Германија работи на диверзификација на снабдувањето со енергија и дека, иако ќе биде потребно време, на крајот ќе го има истиот ефект како и бојкотот.

Европските земји секој ден ѝ плаќаат на Русија стотици милиони долари за увоз на фосилните горива. Украинските власти велат дека трговијата ефикасно ја финансира руската војна против нивната земја.