Германската влада одобри во вторникот доцна попладнето испорака на 178 тенкови од модел „Leopard 1 A5“ од првата генерација, објави министерството за одбрана на својата мрежна страница.
„Колку навистина тенкови Leopard 1 A5 ќе ѝ бидат доставени на Украина, зависи од потребните работи на одржувањето“, објавија заеднички во вторникот министерствата за одбрана и за економија во Берлин.
„Сојузната влада преку испораките на тенковите Leopard 1 A5“ ја поддржува Украина во европското единство и во тесна соработка со меѓународните партнери“, се наведува во засебното соопштение на министерството за одбрана.
Понатака се вели дека германската влада на политичко ниво го даде своето одобрување за извоз и реекспорт на поправените вакви тенкови претходната седмица. Потоа, документот е доставен до министерството за економија и заштита на климата, кое на германските концерни од воениот сектор им ја даде лиценцата за извоз на овие 178 тенкови.
Тенкот „Leopard 1“ е првиот тежок борбен тенк направен за германската армија Бундесверот по Втората светска војна. Од 1965 година до средината на 1980-те произведени се 4.700 тенкови од овој модел, кој е на нивото на застарените советски тенкови кои веќе ги загуби Украина во изминатата една година од војната. Бундесверот уште пред 20 години го повлече од употреба и последниот „Leopard 1 A5“.
Министерот за одбрана Борис Писториус во текот на ненајавената посета на Киев во вторникот изјави дека заедно со неколку европски земји е договорена испораката на 20 до 25 тенкови „Leopard A1“ до летото а до 80 до крајот на 2024 година, со цел да се достигне бројката од повеќе од 100 во текот на првиот или вториот квартал истата година . Подоцна холандската министерка за одбрана Каиса Олонгрен дека Холандија и Данска, исто така, ќе бидат вклучени во овие испораки.
Тоа би значело барем три украинските тенковски баталјони, вклучително и материјал за резервни деливи и муниција. Дополнително, како што тврди Писториус, почнала обуката на 600 офицери.
„Се надевам дека тенковите може да придонесат за продолжување на украинската можноста да се брани и да го одбие нападот“, рече Писториус.
Истакна дека „не треба да има сомневања дека Германија, како и другите партнери во Европа“ и натаму „ќе продолжат цврсто да стојат крај Украина во иднината и ќе ја поддржуваат колку тоа е можно“.
До крајот на месецот, според Писториус, Украина ќе прими повеќе наведувани проектили, како и пет противвоздушни тенкови „Gepard“ (Cheetah) и дополнителни пет оклопни возила „Badger“. Пет тенкови „Biner“ кои на себе носат понтонски мостови ќе бидат испорачани во март, вети германскиот министер за одбрана.
Германскиот концерн од воената индустрија „Rheinmetall “ соопшти одвоено дека планира првите 20 до 25 борбени тенкови „Leopard 1“ да ги испорача во Украина „оваа година“, без да прецизира рокови.
„До крајот а 2024-та, би требало да бидат доставени преостанатите 88 ‘Leopard 1’“, изјави во вторникот извршниот директор на „Rheinmetall“, Армин Папергер на конференцијата Europe 2023 во Берлин.
Покрај „ Rheinmetall“ од Диселдорф, и компанијата FFG од северниот град Фленсбург, исто така, има тенкови „Leopard 1“. Двете компании мора прво да ги поправат овие тенкови кои им се во залихите за да ги извезат во Украина.
„Доколку одлучевме во март (2022-ра) дека овие возила треба да бидат поправени, ќе одеше побрзо. Но тоа не се случи. Затоа мораме сега да живееме со тоа. Претпоставувам дека тоа на Украина во секој случај многу ѝ помага“, додаде Папергер.
Пред две седмици по долго колебање и притисоци од западните сојузници, Берлин одлучи да ѝ испрати на Украина една тенковска чета, односно 14 посовремени тенкови од моделот „Leopard 2“ и да им дозволи тоа да го сторат и на земјите кои ги поседуваат и сакаат со нив да го снабдат Киев.
Русија ја критикуваше големата западна воена помош на Украина оценувајќи дека тоа само ја продолжува војната и страдањата на украинскиот народ но дека нема да го смени текот и резултатот од борбите.
„Испораките на офанзивно оружје само ќе ги развлече борбите. И уште повеќе, таквите чекори ги вовлекуваат земјите од НАТО директно во судирот и може да доведат до невидени ескалации“, предупреди рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.