Германија опстојува на својата одлука да не испраќа ракети со долг дострел во Украина

Германија останува на својата одлука да не испраќа ракети со долг дострел во Украина, изјави во понеделникот портпаролот на германската влада, откако Вашингтон одлучи да дозволи употреба на оружје од САД за напади врз Руска територија.

„Одлуката на канцеларот (Олаф Шолц) останува непроменета“, рече портпаролот на редовната прес-конференција во Берлин.

Германија е вториот најголем донатор на воена опрема за Украина по САД, но Шолц одбива да испрати германски ракети „Turus“ со долг дострел во Украина, стравувајќи од ескалација на конфликтот со Русија, поради тоа што за користењето на овие напредни системи се неопходни добро обучен кадар и сателитско-наведувачка инфраструткура коишто Украина не ги поседува, што подразбира ангажирање на германски офицери.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок претходно во понеделникот ги поддржа меиумските извештаи дека американскиот претседател Џо Бајден ѝ дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел против одредени цели во Русија.

Според извештаите на медиумите, претседателот Бајден ја овластил Украина да користи ракети АТАCMS „за да ги брани сопствените сили“, особено во руската Курска област, која беше делумно окупирана од украински војници на почетокот на август но со огромни загуби во жива сила и западна воена опрема сѐ повеќе е потискувана.