Германија отвори нов миграциски центар во Нигерија

Германската министерка за развојна политика Свења Шулце во вторникот отвори уште еден центар за мигранти во Нигерија, кој треба да помогне во емиграцијата на тамошните стручњаци во Германија, како и да помогне во враќањето на оние нигериски граѓани кои се протерани од Германија.

„Германија и Нигерија можат да имаат полза од заедничката миграциска политика“, рече Шулце на отворањето на центарот во нигерискиот град Нјања.

Веќе има неколку такви центри во Нигерија кои треба да им помогнат на оние кои биле протерани од Германија поради одбиеното барање за азил. Центрите треба да им помогнат на повратниците од Германија да најдат вработување во Нигерија или да се преквалификуваат.

Во моментов, околу 14.000 Нигеријци во Германија чекаат депортација, а депортацијата често пропаѓа поради недостиг од документи. Нигерија е најнаселената африканска земја, од која многумина се обидуваат илегално да стигнат до Европа.

Центрите за мигранти во исто време би можеле да помогнат во посредувањето со оние Нигеријци кои сакаат да емигрираат во Германија по завршувањето на нивната професионална обука.

Во меѓувреме, Германија отвори слични „Центри за миграција и развој“ во Египет, Гана, Пакистан, Јордан, Ирак, Мароко и Тунис, а слична институција се подготвува и во Индонезија.

Целта на овие центри е да се намали нерегулираната миграција и да се обезбеди можност специјалистите да имигрираат во Германија.

Во Германија бројот на нерегулирани влегувања во земјата повторно се зголеми минатата година, а проблемот со зголемениот број бегалци важи меѓу германските гласачи како најголем политички проблем во Германија, што дава поттик на популарноста на десничарските партии како што е AfD.

Целта за намалување на нерегулираната миграција додека се зголемува целната миграција е една од најважните задачи на сегашната и на претходната германска влада.