Германската Влада планира со интеграцијата на идните доселеници да започне пред нивното населување во Германија, соопштиле денеска од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.
„Ние веќе и пред вселувањето треба да поставиме насоки за интеграција по доаѓањето во Германија“, рекла доверителката на сојузната Влада за интеграција, Анет Видман – Мауз по состанокот на Владата на кој е прифатен дел од таканаречниот „Национален акциски план за интеграција“.
Акцискиот план предвидува мерки за интеграција на идните доселеници кои би започнале во земјите од каде потекнуваат, а кои пред се се однесуваат на учење на германскиот јазик, како и исцрпно информирање за животот во Германија.
„Со тоа помеѓу другото сакаме да го спречиме создавањето на погрешни очекувања од животот во Германија“, рекла Видаман – Мауз.
Националниот акциски план за интеграција содржи неколку тематски целини од кои Видман – Мауз ги истакнува „почетната интеграција и инклузијата“.
Во проектот освен Владата, се вклучени и сојузните земји, припадниците на цивилните општества, социјалните организации, како и 75 здруженија на мигранти.
Носењето на национален акциски план за интеграција е дел од подготовката за воведување на Законот за вселување на квалификувани работници кој стапува во сила на 1 март оваа година.
На германскиот пазар на труд недостасуваат преку милион работници, а само во занаетчиството моментално се отворени 250,000 работни места.
Германската канцеларка на таканаречниот самит за законот за вселување на стручни работници во декември нагласила дека вселувањето е потребно за да се задржи благосостојбата во Германија.
Партијата Алтернатива за Германија (АфД) веќе ги критикувала намерите на Ангела Меркел, Германија да ја претвори во доселеничка земја и со тоа да ги влоши сегашните проблеми.
„Она од што Германија веќе пати е создавање на паралени општества, детски бракови, криминални кланови, убиства од чест и недозволени услови во училиштата, што додатно ќе се влоши“, соопштила Беатрис вон Сторч, една од водечките политичарки на АфД.