Германија повторно е погодена од двоен бран штрајкови во транспортниот сектор, откако машиновозачите и кабинскиот персонал во воздухопловството во вторникот ја прекинаа работата поради тековните спорови околу платите.
Околу 80 отсто од меѓуградските возови беа откажани во вторникот, бидејќи машиновозачите во државниот оператор „Deutsche Bahn“ штрајкуваа. На главните аеродромски центри во Франкфурт и Минхен, пак, десетици илјади патници мораа да ги одложат своите летови поради штрајкот на синдикатот на кабинскиот персонал Ufo во националниот воздухопловен концерн „Lufthansа“. Откажани се и поединечни летови на други локации, како што е аеродромот BER во главниот град.
Двата синдиката меѓусебно не ги координираа своите акции, но ова е вторпат за само неколку дена вработените во „Lufthansа“ и во „Deutsche Bahn“ истовремено да штрајкуваат.
Германскиот Апелационен суд денеска го разгледува настојувањето на „Deutsche Bahn“ да го блокира штрајкот на машиновозачите. Понискиот суд во Франкфурт претходно ја отфрли тужбата на железницата за прекин на тековниот штрајк. Штрајкот во патничкиот сектор започна во вторникот во 2 часот по полноќ и се очекува да трае 24 часа, потврди портпаролката на железницата.
Железницата организираше вонреден возен ред за да обезбеди околу една петтина од услугите на меѓуградските линии. Од штрајкот се погодени и регионалните служби на „Deutsche Bahn“ и приградските возови. Ова е шеста индустриска акција на синдикатот на машиновозачите GDL во тековната рунда на колективно договарање.
Во меѓувреме, стјуардесите на германскиот авиопревозник „Lufthansа“, на аеродромите во Франкфурт и Минхен, рано наутро стапија во штрајк, соопшти синдикатот на кабинскиот персонал Ufo. Штрајкот на најпрометниот аеродром во Германија започна во 4 часот и треба да трае до 23 часот, потврди портпаролката на синдикатот.
Поради штрајкот се очекува да бидат откажани околу 600 летови, соопшти националниот авиопревозник, а тоа влијае на 70.000 патници.
Само неколку часа подоцна, на штрајкот му се приклучи и кабинскиот персонал на „Lufthansа“ на аеродромот во Минхен. Луфтханза проценува дека штрајкот ќе резултира со откажување на 400 летови и неможност за полетување за околу 50.000 патници.