Серијата штрајкови во германскиот транспорт не престанува, во вторник повторно штрајкуваат машиновозачите на германските железници (Deutsche Bahn DB), а во исто време штрајкува и кабинскиот екипаж на воздухопловната компанија „Lufthansа“, па се очекува сообраќајна парализа повторно во целата земја.
Синдикатот на машиновозачите ги повика своите вработени на еднодневен штрајк, кој треба да започне во вторник во 14 часот. Синдикатот GDL се реши на овој чекор откако Германските железници не понудија нов модел за машиновозачи со намалена работна седмица. Синдикатите на железничарите бараат намалување на работната седмица од 38 на 35 часа, со целосна плата, додека DB нуди 36 часа.
Во понеделникот, пред Управниот суд во Франкфурт, DB побара итна забрана за штрајк поради последиците од штрајкот врз стопанството. Претходните тужби на DB против штрајкови беа неуспешни.
Ова е шести штрајк на машиновозачите од почетокот на оваа рунда колективни преговори, кои почнаа во ноември минатата година. Последен пат машиновозачите штрајкуваа минатиот четврток и петок. Машиновозачите во товарниот сообраќај штрајкот треба да го започнат веќе во понеделник во 18 часот.
На актуелниот штрајк со недоразбирање реагираа претставниците на економијата и политиката.
„Ваквите акции дополнително го загрозуваат и онака ослабениот потенцијал на германската економија“, соопшти Здружението на германската хемиска индустрија.
Министерот за транспорт Волкер Висинг, од Либерално-демократската партија (FDP) постојано ја критикуваше GDL за нејзините тврдокорни ставови и инсистирањето на максималистичките барања.
„Lufthansа“ очекува откажување на најмалку 1.000 летови за вторник. Синдикатот на кабинскиот персонал на „Lufthansа“ бара зголемување на платите за 15 отсто за своите членови и компензација за трошоците за инфлација од најмалку 3.000 евра.
Минатата седмица „Lufthansа“ беше погодена од штрајкови на копнениот персонал, а над 250.000 патници беа погодени од бројни откажувања на летовите. Во исто време, штрајкуваа и вработените во обезбедувањето на аеродромите, поради што најголемиот германски аеродром во Франкфурт беше затворен за патници на еден ден.