Германија: Припадници на арапски клан осудени за кражба на саксонскиот кралски накит

Покраинскиот суд во источногерманскиот град Дрезден осуди во вторникот петмина припадници на ткн Арапски клан од Берлин на повеќегодишни затворски казни поради кражба на накитот кој му припаѓа на историскиот дрезднски „Зелен трезор“, во кој се чува непроценливото богатство на саксонските кралеви.

Во грабежот кој се случи пред три години а германските медиуми го нарекоа „најспектакуларниот грабеж на деценијата, украдени се предмети од колекцијата на саксонското благородништво, при што ограбувачите биле фокусирани исклучиво на накитот. Меѓу другото, тогаш беше украден и „Саксонскиот бел“, белиот 48-каратен бел дијамант.

Судот петмината припадници на арапскиот берлински клан Реммо, на возраст меѓу 25 и 29 години, ги осуди на затворски казни од чети ипол до шест ипол години.

Тие беа обвинети дека на 25-ти ноември 2019 година од Музејот на кралската ризница во Дрезден, каде што се чува накитот на саксонското кралско семејство, го украле историскиот накит проценет на 116 милиони евра и притоа нанеле штета во милионски износ. Припадниците на кланот беа уапсени неколку месеци подоцна и од тогаш се во притвор.

Релативно благите казни се резултат на договор меѓу адвокатите на обвинетите и властите според коишто е вратен најголемиот дел од накитот кој делумно бил сокриен и во еден канал во Берлин. Судот утврдил дека сторителите дејствувале „исклучително брутално“ и со „огромна криминална енергија“. Добар дел од накитот е оштетен во текот на грабежот.

Еден од осудените веќе се наоѓа на издржување на затворска казна поради друг спектакуларен грабеж, кога во 2017 година од берлинскиот Боде музеј беше украден златникот тежок стотина килограми.

Припадниците на споменатото големо арапско семејство досега беа вмешани во неколку спектакуларни грабежи, меѓу другото и на накит од берлинската луксузна стоковна куќа „KaDeWe“ во 2014 година.

Германските власти пред неколку години најавија поостра борба против организираниот криминал зад кој стојат арапски банди, коишто дејствуваат не само во Берлин, туку и во другите делови од земјата. Станува збор за припадници на малцинството Маламии, кои кон крајот на 1970-те години во Германија побегнаа од граѓанската војна во Либан.  Во меѓувреме создале паралелни структури кои се истакнуваат во негирањето на германските власти и закони.

На тоа арапско семејство по потекло од Либан во 2018 година му беа запленети дури 77 станови во Берлин во вкупна вредност од 9 милиони евра, под сомневање дека се купувани поради перење пари.

Берлинскиот сенат во 2018 година донесе план во системската борба против организираниот криминал со кланска заднина на територијата на градот. Борбата против арапските криминални кланови, коишто главно се занимаваат со криумчарење на наркотици, препродажба на украдени автомобили и уценување на претпреимачите, во минатото се покажа макотрпна поради недостигот од сведоци. Многу од тамошните жители, исто така, не поседуваат ниту потполна дозвола за престој во Германија, туку со години се водат како бегалци.