
Германската влада ја претстави во средата првата сеопфатна безбедносна стратегија којашто ги опфаќа сите ресори, а не само министерството за одбрана.
„Првпат во историјата на нашата земја изработивме национална безбедносна стратегија. Таа е важен придонес за зголемување на безбедноста на граѓаните на Германија, особено во изменетите околности по нападот на Русија врз Украина и саботажите на гасоводите Северен тек. Денешна Русија на неодредено време е најголемата опасност за мирот и безбедноста во евроатлантското подрачје“, изјави социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.
Пред канцеларот да ја претстави стратегијата, таа била прифатена на редовната седница на германската влада.
Шолц објасни дека прашањето на националната безбедност отсега ќе биде распоредено на неколку министерства, како и дека повеќе нема да биде во надлежност само на министерството за одбрана.
„Сите средства и инструменти мора да дејствуваат координирано за земјата да биде одбранета однадвор“, рече Шолц и додаде дека тој заклучил оти „без безбедноста нема стабилност, ниту благосостојба“.
Стратегијата на левичарската влада заеднички покрај канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) ја претствија и министерката за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените (Bündnis 90/Die Grünen), за внатрешни работи Ненси Фасер од Либералните демократи (FDP), министерот за одбрана Борис Писториус од SPD и министерот за финанси Кристијан Линднер од FDP.
Стратешкиот документ предвидува спојување на надлежностите во одбраната од внатрешните и надворешните закани и поделен е во три тематски целини. Првата е способноста на одбраната, што вклучува координација на вооружените сили и цивилната заштита, потоа отпорност на општеството односно способност за одржување на уставниот поредок без надворешна зависност, како и одржливост.
Шефицата на дипломатијата Бербок изјави дека предизвиците за безбедноста на граѓаните на Германија се протегаат низ сите животни области.
„Тоа важи како за прашањето за снабдување со лекови, преку безбедноста од кибернетички напади, па сѐ до снабдувањето со вода за пиење“, рече Бербок.
Бербок, којашто важи како „јастреб“ на запдните политики против Русија, додаде дека успехот на безбедосната стратегија зависи и од поддршката на целокупното општество, од општините, болнците и претпријатијата. Меѓу другото, задачата на стопанствата би била да се грижат за доволно количество клучни сировини.
„Нападот на Русија врз Украина ни покажа дека мирот и безбедноста не се вредности коишто паднале од небото, туку дека за нив треба да се погрижиме“, рече Бербок.
Министерот за финансии Линднер истакна дека безбедноста на Германија има и финансиска димензија.
„Фискалните резерви во кризните времиња овозможуваат дејствување, што се покажа во текот на пандемијата на коронавирусот и шокот поради наглиот раст на цените на енергенсите“, рече Линднер.
Коалициската влада на социјалдемократите, зелените и либералите, тврди дека националната безбедносна стратегија ја вброила во својот коалициски договор кој е потпишан неколку месеци пред руската инвазија во Украина.
Опозициската демохристијанска Унија на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјалната унија (CSU) ја критикуваше националната безбедносна стратегија во оваа форма и бара воведување национален безбедносен совет кој по потреба би го координирал дејствувањето на сојузно ниво, како и на ниво на сојузните покраина и на општините.