Толпа радосни луѓе собрани пред Бранденбуршката порта ги осветлија „џоините“ веднаш по полноќ за да го поздрават стапувањето во сила на новиот германски закон за декриминализирање на канабисот.
Неколку стотици видно весели луѓе, од кои многумина танцуваа на звуците на реге музиката, чекаа со кренати запалки да ги запалат свтканиците со марихуана штом часовникот отчука полноќ. Огромен лист марихуана ја красеше бината пред знаменитоста во Берлин.
„Конечно можеме да се покажеме. Не треба повеќе да се криеме“, изјави Хенри Плотке, член на Германското здружение за коноп (DHV).
За него новиот закон претставвуа „олеснување“, бидејќи повеќе не се смета за криминалец.
Пушењето канабис на многу јавни места станува легално од 1 април. Според законот, секој на возраст од 18 и повеќе години може да чува до 50 грама дома и да носи најмногу 25 грама надвор. Пушењето „трева“ е дозволено онаму каде што не е изрично забрането. А забрането е на игралишта, во училишта, спортски објекти, вклучително фудбалски стадиони, објекти за деца и млади и на 100 метри од влезот во овие објекти.
Во Германија со години се водеше жестока дебата за декриминализацијата на канабисот. Лекарските групи изразуваат загриженост за младите, а конзервативните политичари велат дека либерализацијата дополнително ќе ја поттикне употребата на дрога.
Симоне Борхарт од опозициската конзервативна Христијанско-демократката унија (CDU) изјави пред Бундестагот дека владата предводена од социјалситите, зелените и либералите, инсистира на својот „целосно непотребен, збунувачки закон“ и покрај предупредувањата од лекарите, полицијата и психотерапевтите.
Од своја страна, министерот за здравство Карл Лаутербах рече дека сегашната ситуација повеќе не е одржлива, бидејќи бројот на корисницина возраст меѓу 18 и 25 години е двојно зголемен во последните 10 години.