Германија регистриала 4.300 кривични дела поврзани со војната во Газа

Германските власти регистрирале околу 4.300 кривични дела поврзани со војната во Појасот Газа, вклучително и речиси 500 насилни, откри во неделата германскиот министер за правда Марко Бушман.

Бушман ги претстави бројките во неделата на Денот на еврејската заедница во Берлин, повеќедневен настан на кој присуствуваа врвни германски претставници, вклучително и канцеларот Олаф Шолц.

„Законот мора строго да се применува во овие случаи“, рече Бушман и ги повика федералните министри за внатрешни работи да ја променат полициската тактика на протестите и да дадат приоритет на обезбедување докази наместо деескалација.

Бушман рече и дека Давидовите ѕвезди биле исцртувани на куќи, израелски знамиња биле запалени, а на демонстрациите биле упатени стотици закани за уништување на Израел и убивање Евреи.

„Сето тоа има ефект“, рече германскиот министер за правда.

Евреите се плашат јавно да зборуваат хебрејски или да носат кипа, организаторите ги откажуваат настаните од безбедносни причини, а учеството во животот во заедницата опаѓа, додаде тој.

„Ова е семе на омраза кое, за жал, никнува“, рече Бушман.

Потсети на она што веќе е направено во борбата против антисемитизмот и антисемитските акции – на Хамас му беше забрането дејствувањето во Германија, а палестинската група Самидун е распуштена. Исто така, повикот „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“ е забранет на сите јазици во Германија, бидејќи според оцената навластите го негира правото на Израел да постои.

Бушман побара и од Европската комисија да ја забрани онлајн продажбата на маици со тој слоган.