Германија сака да ги задржи бегалците на надворешните граници на ЕУ

Во Германија во вторникот се разви дебата за предлогот на министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, процесот на одлучување за давање азил на апликантите да се одвива на надворешните граници на Европската унија.

„Предлогот на министерката е ослабена верзија на она што го сака Европската комисија. Ова ја прави процедурата неефикасна и ја оштетува, пред сѐ, Германија како главна цел на луѓето кои доаѓаат во Европа“, изјави Александар Тром, експерт за внатрешно-политички прашања на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU).

Неговиот колега од демохристијанската Унија CDU/CSU и лидерот на групата претставници на Христијанско-социјалната унија (CSU) во Бундестагот, Александар Добринд, ја прекори социјалдемократската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер за „дрзок маневар за одвраќање на вниманието“.

 

Да се запре нелегалната миграција

„Наместо да ја ограничи нерегуларната миграција, министерката за внатрешни работи секгоаш одново фрла чадни бомби. Сојузната влада треба конечно да престане секогаш одново да создава нови стимулации за нерегулираната миграција и да ги распоредува оние кои немаат шанси да останат по градовите кои повеќе не можат да го носат товарот на згрижувањето“, рече Добриндт во интервју за дневниот весник Augsburger Allgemeine.

Демохрстијанбската опозиција Унија CDU/CSU веќе подолго време бара од министерката Фезер да ја ограничи горната граница на бројот бегалци кои доаѓаат во Германија, што таа го одбива.

Фезер во текот на викендот најави дека е можно земјите од ЕУ да се договорат за барањето за азил на бегалците кои се испитуваат пред да влезат во ЕУ. Таа рече дека во моментов преговара со неколку земји надвор од ЕУ без да прецизира за кои земји станува збор. Бегалците кои ќе добијат позитивно решение за нивните барања ќе бидат распределени меѓу земјите на ЕУ, според договорениот клуч.

Во прв ред, Фезер сака да ја спречи досегашната практика, според која бегалците без регистрација, откако ќе влезат во првата земја на Европската унија, продолжуваат кон Германија и скандинавските земји, каде поднесуваат барање за азил. Според критичарите, ваквите миграциски практики првенствено се должат на поголемите социјални придобивки во овие земји.

 

Пораст на популарноста на десницата

Биџан Џир-Сараи, генералниот секретар на владејачките либерали, изрази загриженост за моменталната ситуација во која е забележан огромен пораст на бегалците во првиот квартал од годинава, не само од Украина, туку и од Сирија и Авганистан.

„Ако наскоро не ја ограничиме нелегалната миграција, граѓаните сè помалку ќе прифаќаат регуларна миграција и интеграциј во општеството. Во никој случај не смеат да се повторат катастрофалните грешки на владата на Ангела Меркел“, изјави Џир-Сараи.

Тој алудираше на зголемената популарност на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD), која стана најпопуларна партија во анкетите на јавното мислење во неколку сојузни покраини една година пред изборите.

Сѐ почести се и протестите на локалното население насочени против изградбата на прифатни центри за бегалци. Минатиот викенд во сојузната покраина Хесен изгоре прифатен центар во кој наскоро требаше да бидат сместени барателите на азил.

 

Кризен состанок

Третата партија на владејачката коалиција, партијата на Зелените, се покажа начелно отворена за првото испитување на бегалците пред влезот во ЕУ, но се спротивстави на принципиелно право на заштита и поднесување барања за азил. Претседателот на Зелените, Омид Нурипур, како услов за постапката на надворешните граници постави „фер механизам“ за распределба на бегалците низ земјите на ЕУ.

„Мораме да избегнеме и создавање транзитни центри на границите на ЕУ каде бегалците би биле задржани долго време“, рече Нурипур.

Фезер ја спомена можноста да остане на надворешните граници до 12 седмици.

Претставниците на федералната влада и сојузните покраини и градови се состануваат на 10 мај на кризен самит на тема управување со бегалците.