Германија сака секоја година да увезе по 400.000 квалификувани работници од странство

Новата лева коалициска влада на Германија сака секоја година од странство да привлече по 400.000 квалификувани работници за да го реши проблемот на демографската нерамнотежа и недостиг од работници во клучните сектори, проблем кој би можел да го забави економското закрепнување на земјата по пандемијата на коронавирусот.

„Недостигот од стручна работна сила стана толку сериозен што драматични ја забавува нашата економија“, изјави Кристијан Дур од либералните Слободни демократи на Германија (FDP).

За Германија да ја направат поатрактивна за странската работна сила, коалициските социјалдемократи, зелените и либералите го договориле системот за бодување за стручњаците кои доаѓаат надвор од Европската унија, а исто така ја подигнале минималната сатница на 12 евра.

Германскиот економски институт проценува дека работната сила оваа година ќе се намали за повеќе од 300.000 луѓе, бидејќи повеќе стари лица заминуваат во пензија отколку што младите влегуваат на пазарот на трудот.

Тој јаз до 2029 година би можело да се зголеми на повеќе од 650.000 луѓе, а во 2030 година акумулираниот недостиг од работоспособно население би можело да ја достигне бројката од пет милиони.