Германските бизниси ги сметаат изјавите на Вашингтон за можни нови санкции на гасоводот „Северен ток 2“ за пренесување на руски природен гас кон Европа, како невидено мешање во енергетскиот суверенитет на Европската Унија, изјави денеска Оливер Хермес, претседател на германската Источна бизнис асоцијација, пренесува „Спутник“.
„Заканата од непосредни санкции на САД врз европските компании вклучени во проектите „Северен ток 2“ манифестира неверојатно ниско ниво на трансатлантските односи. Постојните ослободувања се откажани во еден миг, без никакви консултации со европските сојузници, а околу 120 компании од 12 европски земји сега се под директна закана од санкциите на САД“, рече Хермес, истакнувајќи дека невиденото мешање на Вашингтон во европскиот енергетски суверенитет ќе резултира со дефицит во испораките и последователни превисоки цени.
Шефот на асоцијацијата, претставувајќи ги интересите на германските компании во Источна Европа и постсоветските држави, рече дека инвестициите од над 12 милијарди евра во „Северен ток 2“ сега се под закана.
„САД ја поткопуваат слободната и фер конкуренција и користат санкции за заштита на своите економски интереси. ЕУ нема друг избор освен претпазливо да реагира на овој обид за изнуда“, рече Хермес, повикувајќи ја ЕУ брзо да излезе со серја строги мерки.
Германско-руската трговија губи речиси 20 милијарди евра на годишно ниво поради санкциите на ЕУ кон Русија, потсетува Хермес, изразувајќи верување дека новите санкции ќе бидат „апсолутно несоодветни“.