Во понеделник Германија се соочува со обвинувањата на Никарагва пред највисокиот суд на Обединетите нации во Хаг дека „го олеснила извршувањето геноцид“ врз Палестинците со обезбедување воена и политичка поддршка на Израел.
Никарагва ја тужеше Германија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ), барајќи од судиите да преземат итни мерки за да го спречат Берлин да го снабдува Израел со оружје и друга помош.
Себастијан Фишер, портпарол на германското Министерство за надворешни работи, им рече на новинарите пред сослушувањето: „Ги отфрламе обвинувањата од Никарагва“. „Германија не ја прекрши ниту Конвенцијата за геноцид, ниту меѓународното хуманитарно право и тоа целосно ќе го докажеме пред Меѓународниот суд на правдата“, додаде Фишер.
Никарагва ќе ги изнесе своите аргументи во понеделник, а Германија треба да одговори следниот ден.
Во судска пријава од 43 страници, Никарагва тврди дека Германија ја прекршува Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации од 1948 година, усвоена по Холокаустот.
„Со испраќање воена опрема и сега негирање на финансирање на UNRWA (Агенцијата на ОН за палестински бегалци)… Германија го олеснува извршувањето на геноцидот“, се вели во поднесокот.„Потфрлањето на Германија е со тоа уште повеќе за осуда доколку се земе предвид дека Германија воспостави привилегирани односи со Израел, што би ѝ овозможило позитивно да влијае на однесувањето“ на таа земја, додаде Никарагва.
Никарагва побара од МСП да донесе одлука за „привремени мерки“ – итни наредби издадени додека судот разгледува поширок случај.
„Императив и итно е“ судот да нареди такви мерки имајќи предвид дека животите на „стотици илјади луѓе“ се загрозени, се наведува во аргументите на Никарагва.
„Соодветна реакција“
МСП е основан за да ги решава споровите меѓу нациите и стана клучен играч во војната меѓу Израел и милитантите на Хамас што избувна по нападите на 7 октомври. Во друг случај, Јужна Африка го обвини Израел дека извршил геноцид во Појасот Газа, што Израел жестоко го негира.
Во тој случај, судот му нареди на Израел да стори сé што е во негова моќ за да спречи геноцидни акти, а неодамна го заостри својот став, наредувајќи дополнителни мерки со кои Израел го обврзува да го зголеми пристапот до хуманитарна помош.
Судските одлуки се обврзувачки, но немаат механизам за извршување. На пример, тој ѝ нареди на Русија да ја запре инвазијата на Украина, но безуспешно.
Никарагва побара пет привремени мерки, вклучително и Германија „веднаш да ја прекине помошта за Израел, особено воената помош вклучувајќи воена опрема“. Ито така, го повикува судот да ѝ наложи на Германија да ја „поништи својата одлука да го прекине финансирањето на UNRWA “.
Германија во јануари соопшти дека го стопира финансирањето во очекување на истрага за израелските наводи дека неколку членови на персоналот на УНРВА биле вмешани во нападот на 7 октомври.
Никарагва напиша во поднесокот дека „може да биде разбирливо“ Германија да поддржи „соодветен одговор“ на нејзиниот сојузник Израел на нападите на Хамас во октомври, „но тоа не може да биде изговор за дејствување спротивно на меѓународното право“.
Во петокот, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека Израел нема „повеќе изговори“ за одложување на помошта за Газа.
Најкрвавата војна во Газа започна со невиден напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој резултираше со смрт на 1.170 Израелци и странци, од кои дветретини цивили. Палестинските милитанти, исто така, зедоа околу 250 заложници, од кои околу 130 остануваат во Газа, вклучително и 34 што армијата вели дека се мртви.
Повеќе од 33.175 луѓе беа убиени во израелската воена одмазда, од кои третина се деца. Обединетите нации предупредија на „катастрофален“ глад со кој се соочува населението во Газа.