Германија шокирана од однесувањето на дел од својата арапска заедница, обвинувања за расизам

Пропалестинските здруженија во Германија ја обвинија во средата германската власт за расизам, поради забраната за протести во знак на поддршка на Палестинците коишто требаше да се одржат во среддата, што беше последица од отворената поддршка во арапскиот кварт во главниот град Берлин на минатосаботниот крвав напад на радикалното палестинско движење Хамас во Израел.

„Протестите најавени за оваа среда полицијата ги забрани со расистичко образложение“, соопшти организацијата Иницијатива за Палестина на својата интернет страница.

Натаму се објаснува дека германските власти ги користет „наводните кации“ на едно малцинство за на целата заедница да ѝ го забранат слободното изразување на мислењето. Организацијата најави тужба против таквата одлука на полицијата.

Во соопштението се алудира на акцијата на, исто така, пропалестинската организација Самидун, која во саботата во берлинскиот кварт Неукелн организираше славење по нападот на милитантите на Хамас во јужните области на Израел. Притоа во овој квар, во кој живее голем дел од припадницте на арапската заедница во Германија, биле нападнати и новинари.

Полицијата во понеделникот го забрани за средата најаваниот протест со 250 учесници, со образложение дека постои опасност од нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата и во минатото забрануваше слично собири поради антисемитскиот карактер на протестите на коишто, меѓу другото, се повикуваше и на линчување на Евреите.

Славењата на припадниците на арапската заедница во германските градови по масакрот на Хамас предизвика згрозување во германското општество и повици да бидат забранети организациите на коишто им се припишува блискост со споменатата радикална исламистичка палестинска организација.

„Доколку ја земеме предвид отворената поддршка за теророт на Хамас од организациите како Самидун, мислам дека е време да се испита можноста за забрана на ваквите здруженија“, изјави претставничката на пратеничката група на партијата од владејачката коалиција Зелените во Бундестагот, Ирене Михалич.

Најавени остри мерки против поддржувачите на Хамас

Германската министерка за внатрешни работи Нанси Фесер најави енергични мерки против оние кои финансиски и логистички го поддржуваат Хамас.

„Ги користиме сите средства, како разузнавачките, така и за присила, коишто ни стојат на располагање во борба против поддржувачите на Хамас“, рече Фесер.

Комесарката за интеграција на берлинскиот кварт Неукелн, Ѓунерл Балчи, исто така, се заложи за забрана на организациите како Самодун, наведувајќи дека во тој дел од Берлин многу жители имаат симпатии кон организациите означени како терористи како палестински Хамас и либански Хезболах.

Во вторникот пред советот во Неукелн беше подигнато израелското знам, но со силно присуство на полицијата.

Овој берлински кварт секош одново доаѓа на насловните страници на медиумите поради напади врз припадници на еврејската или ЛГБТИ заедница, но и поради активностите на криминалните кланови од арапско потекло.

Во текот на последната новогодишна ноќ, изгредници главно од арапско потекло ги нападнаа полицајците, пожарникарите и припадниците на итната медицинска помош, што исто така предизвика огорченост ширум Германија и повици до властите да донесат мерки со коишто би биле спречени таквите инциденти.

Десната европскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), чијашто популарност остро расте последните месеци и веќе стана втората по силина партија во земјата, инцидентите во Неукелн ги опиша како резулат на „пропаднатата“ доселеничка политија на досегашните влади на демохристијаните и социјалдемократите.

„Славењето по масакрот истовремено е и шлаканица за политиката на доселувањето, на што постојано предупредувавме…. Христијанско-демократската унија (CDU) со години неконтролирано пушташе луѓе во Германија. Ова сега ни е сметката за таквите политики“, изјави претставникот на AfD, Бернд Бауман.