Германија соопшти дека ги достигнала границите на можностите во снабдувањето со муниција на Украина

Германија нема производствен капацитет да склучи дополнителни рамковни договори со индустријата за набавка на повеќе муниција за Украина, изјави во средата портпаролот на германското Министерство за одбрана, Арне Колатц, на владиниот брифинг.

„Мислам дека во Германија сè што можеше да се направи е веќе исцрпено, вклучително и во контекст на индустријата во моментов. Ние, се разбира, можеме да склучиме дополнителни (рамковни) договори доколку бидат зголемени производствените капацитети, но според сегашните потреби сме на границата на моќностите“, рече портпаролот.

Колатц призна дека „колку и да звучи тажно“, потребите на Киев за муниција се толку големи што германската индустрија има гаранции дека сите нејзини стоки ќе бидат прифатени.

Германија е вториот најголем донатор на помош за Украина по САД. Вкупниот износ на помош за Украина од Германија – хуманитарна, финансиска и воена – досега надмина 27 милијарди евра од февруари 2022 година. Оваа година, Германија ќе одвои повеќе од 7 милијарди евра за поддршка на Киев со снабдување со оружје. Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека другите земји од ЕУ треба да ѝ пружат поголема помош на Украина, бидејќи Германија сама не може да поднесе толку голем товар. Според него, „сега е дојден решавачкиот момент“ во конфликтот на Украина против Русија.

Како што истакна германскиот канцелар Олаф Шолц на крајот на јануари, доколку САД и земјите од ЕУ престанат да ја поддржуваат Украина со воени резерви, Берлин нема да може сам да се справи со ова.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски го призна недостигот од муниција во неговото обраќање во Давос во средината на јануари. Според него, во светот нема доволно ресурси на воено-индустриски комплекс за Украина да ја издржи конфронтацијата со руската армија.

На почетокот на ноември минатата година, висок европски извор објави дека земјите од ЕУ во тоа време ѝ префрлиле на Украина 300.000 парчиња артилериска муниција од ветениот милион. Како што призна германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Европската унија нема да може да го исполни ветувањето дека ќе испорача на Киев милион гранати до март 2024 година.