Коронавирусот сè уште претставува ризик во Германија, изјави германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, откако повторно беа воведени вонредни мерки во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија поради ширењето на коронавирусот во фабриката за пакување месо.
Градовите Гитерлох и Варендорф се првите области во Германија каде што повторно се воведени вонредни мерки поради коронавирусот, кои постепено беа укинати од крајот на април.
Шпан за телевизијата АРД изјави дека се гледа дека вирусот продолжува да се шири многу брзо ако тоа му биде дозволено, и дека тоа не било случај само во Гитерлох, туку и во Гетинген, Лер, Бремен, претежно во цркви и на семејни прослави.
Затоа е важно да се биде свесен дека вирусот сè уште е таму, иако бројките се пониски веќе неколку недели – додаде Шпан.
Германскиот институт „Роберт Кох“ објави дека бројот на заразени со коронавирус во Германија се зголемил за 587, на 191.449, додека бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 денес е поголем за 19 и изнесува 8.914.
Главниот германски виролог Кристијан Дростен предупреди дека за два месецаќе се појави нов проблем со коронавирусот во Германија ако сега „не се вклучат сите сензори за аларми“.
Дростен стравува дека, по избувнувањето на жариштето во Северна Рајна-Вестфалија, ќе има незабележано ширење на вирусот.
Спречувањето на ширењето надвор од покраината, како што изјави тој за телевизијата ГДР, сега е пресудно.
Тој посочи дека има неколку места, вклучувајќи го и Берлин, каде што има јасни индикации дека коронавирусот се враќа.
Тој посочи дека сега треба да се биде многу внимателен за да нема друг бран.