Германија уште најмалку две години ќе зависи од гасот од Русија

Германија би можела уште оваа година да го преполови увозот на нафта од Русија, но уште најмалку две години ќе биде зависна од рускиот гас, соопшто германското министерство за економија во петокот.

„Со заеднички напори до летото 2024-та би можеле да постигнеме независност од рускиот гас… Дури и тогаш околу 10 отсто од гасот потребен на Германија ќе потекнува од Русија“, се наведува во еден документ кој во петокот го објави министерството.

Тоа, меѓутоа, е можно да се постигне само со штедење на гасот и зајакната потреба од водородот како енергенс се додава во документот. Министерот Роберт Хабек појасни дека од тие причини Германија не може да се согласи на ембарго на увозот на природен гас и нафта од Русија.

„Германија се труди да стане понезависна од руските енергенси. Очекувам дека до крајот на годинава ќе бидеме независни од руската нафта“, рече Хабек.

Додаде дека во процесот на создавање независност од рускиот гас е потребна помош и од САД, како еден од водечките извозници на течен природен гас (LNG). Европската унија оваа седмица договори зголемување на увозот на течен гас.

„Ги минаме првите етапи од патот кон ослободување од зависноста од руските енергенси“, уверува Хабек.

Германија по почетокот на руската воена операција во Украина најави градење на два терминала за LNG на Северното Море. Министерот Хабек со таа цел неодамна престојуваше во Катар каде што склучи прелиминарен рамковен договор за долгорочен увоз на течен гас од оваа земја, иако Доха предупредува дека нејзините извозни капацитети кои се насочени кон поскапиот азиски пазар, не можат целосно да го заменат количеството гас коешто Европа сега го добива од Русија.

Сојузот на германстките енергетски претприемачи (BDEW) објави дека уделот на рускиот гас во вкупната потрошувачка последните денови паднал од повеќе од 50 на 40 отсто. Но тоа се објаснува со намалувањето на потрошувачката поради високите цени преминот на некои големи потрошувачи на алтернативни извори на енергија.