Легализацијата на канабисот во Германија која беше планирана за крајот на годинава, најверојатно ќе се одложи до 2024 година, изјавија денеска за ДПА официјални лица на парламентот. Планот е законот да биде усвоен во Бундестагот меѓу 13 и 15 декември.
Потоа мора да се изјасни Бундесратот, горниот дом, кој ги претставува 16-те германски покраини. Но, последната седница годинава е на 15 декември, поради што е малку веројатно дека нацрт-законот ќе биде разгледан оваа година.
Следната седница на Бундесратот ќе се одржи на 2 февруари 2024 година, по што законот би можел да стапи во сила. Како можен датум за почеток се споменува 1 април, велат за ДПА извори од тристраната коалиција на канцеларот Олаф Шолц.
Предлог-законот инициран од владата предвидува отстранување на канабисот од листата на забранети супстанции во Законот за наркотици.
За возрасни на возраст од 18 и повеќе години, дозволено е поседување до 25 грама. Приватно може да се одгледуваат најмногу три растенија.
Во клубовите за канабис, на членовите треба да им се дозволи колективно да го одгледуваат и да го дистрибуираат едни на други, со максимум 50 грама по член месечно.
За лицата на возраст од 18 до 21 година, ќе биде дозволено до 30 грама месечно со максимална содржина од 10 проценти тетрахидроканабинол (THC), супстанца со опојно дејство.