Германија, Велика Британија и Русија во четвртокот ги повикаа земјите од Блискиот исток да покажат воздржаност, додека Израел порача дека се подготвува да ги „задоволи сите свои безбедносни потреби“ во регионот кој е на работ од поширок конфликт поради заканата на Иран за одмазнички напад врз Израел.
Германската авиокомпанија „Lufthansa“, еден од само двата западни авиопревозници кои летаат за Техеран, го ја продолжи суспензијата на своите летови до иранскиот главен град, а Русија ги предупреди своите граѓани да не патуваат на Блискиот исток.
Иран вети одмазда за воздушниот удар на 1 април врз депандансот во коплексот на неговата амбасада во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа висок ирански генерал и шест други ирански воени офицери советници на сириската војска, зголемувајќи ги тензиите во регионот кој веќе е во војна во палестинската енклава Појсот Газа.
Израел изрично не ја презеде одговорноста за нападот, но иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи во средата порача дека Израел „мора да биде казнет и ќе биде казнет“, истакнувајќи дека нападот врз амбасадата е еднаков на напад на иранска територија.
„Императивот Иран да го казни овој насилен режим“ можеше да се избегне доколку Советот за безбедност на Обединетите нации го осудеше нападот и ги изведе сторителите пред лицето на правдата, соопшти во четвртокот мисијата на Техеран во светската организација.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ја продолжува својата војна во Појасот Газа, но прави безбедносни подготовки на друго место.
„Кој и да ни наштети, ние ќе им наштетиме ним. Подготвени сме да ги исполниме сите безбедносни потреби на Државата Израел, и одбранбени и офанзивни“, рече тој во коментарите објавени по посетата на базата на воздухопловните сили.
Техеран му сигнализираше на Вашингтон дека ќе одговори на нападот на Израел на начин што ќе избегне голема ескалација и нема да дејствува избрзано, изјавија ирански извори.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант му рекол на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин дека Израел директно ќе одговори на секој напад од Иран, соопшти кабинетот на Галант.
Конфликтот се прошири низ Блискиот исток откако изби војната во Појасот Газа, при што групите поддржани од Иран извршуваа напади од Либан, Јемен и Ирак како поддршка на Палестинците. Техеран избегна директна конфронтација со Израел или Соединетите држави, додека им дава поддршка на своите сојузници.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го повика нејзиниот ирански колега Хосеин Амирабдолахиан да повика на „максимална воздржаност“ за да се избегне понатамошна ескалација.
Руското Министерство за надворешни работи им порача на граѓаните дека не треба да патуваат на Блискиот исток, особено во Израел, Либан и палестинските територии.
„Во моментов е многу важно сите да задржат воздржаност за да се избегне целосна дестабилизација на ситуацијата во регионот, која навистина и не блеска со стабилност и предвидливост“, рече на брифинг со новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави во четвртокот дека јасно му кажал на Амирабдолахиан дека Иран не треба да го вовлекува Блискиот Исток во поширок конфликт. „Длабоко сум загрижен поради можноста од погрешна проценка да доведе до дополнително насилство“, рече Камерон на мрежата X.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер рече дека државниот секретар Ентони Блинкен ги повикал своите колеги, вклучително и шефовите на дипломатиите на Турција, Кина и Саудиска Арабија, „јасно да дадат до знаење дека ескалацијата не е во ничиј интерес и да го повикаат Иран да не ја продолжува ескалацијата“.
САД очекуваат ирански напад врз Израел, но таков што нема да биде доволно голем за да го вовлече Вашингтон во војна, изјави американски официјален претставник доцна во четвртокот.
Американската војска во четвртокот соопшти дека уништила противбродска балистичка ракета лансирана од територијата на Јемен, контролирана од Хутите поддржани од Иран. Нема извештаи за повредени или оштетувања на американски, коалициски или трговски бродови.