Берлин, Лондон и Мадрид во вторникот изјавија дека се против испраќање на војници на НАТО во Украина, откако францускиот претседател Емануел Макрон ја отвори можноста во понеделникот, нагласувајќи дека сè уште нема договор за тоа.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги отфрли предлозите европските земји и членките на НАТО алијансата да испратат копнени сили во Украина. Германските пратеници, исто така, се изјаснија против идејата која Макрон ја изнесе на набрзина договорениот состанок на европските лидери во понеделникот во Париз. Кремљ предупреди дека тоа би значело голема ескалација.
„Уште еднаш, во една многу добра дискусија, се разговараше дека тоа што беше договорено меѓу нас од самиот почеток важи и за иднината, имено дека нема да има копнени сили, нема војници на украинска територија кои би биле испратени таму до Европски земји или земјите од НАТО“, рече Шолц.
Сепак, тој рече дека европските челници сега изгледаат поподготвени да набават оружје од трети земји надвор од Европа, како начин да се забрза воената помош за Украина.
Германија стана вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина од руската инвазија на Украина во 2022 година, но е крајно претпазлива за чекорите што би ја вовлекле НАТО алијансата во директен конфликт со Русија.
Шолц стави до знаење дека се двоуми да испрати ракети со долг дострел „Taurus“, кои имаат дострел од 500 километри, во Украина. Ваквите проектили во оваа фаза најверојатно ќе бараат помош од германските сили при управувањето за прецизно таргетирање цели далеку во риската заднина па и на руска територија, што е црвена линија за Шолц.
Засега не е јасно колку други земји го поддржуваат предлогот на Макрон, иако францускиот претседател, сепак, нагласи дека во оваа фаза нема консензус, иако сојузниците се согласија да ги засилат напорите за снабдување на Киев со муниција.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО не планира да испрати свои сили во Украина.
Чешкиот и полскиот премиер Петр Фиала и Доналд Туск и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјавија дека нивните земји не размислуваат да испратат свои војници во Украина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо уште пред состанокот во Париз во понеделникот вечерта изјави дека неколку земји членки на НАТО и на ЕУ размислуваат за испраќање војници на билатерална основа и предупреди дека тоа ќе го разгори конфликтот.
Околу 20 европски челници се собраа во понеделникот во Париз за да му испратат на рускиот претседател Владимир Путин порака за европска решителност за Украина и да се спротивстават на наративот на Кремљ дека Русија сигурно ќе ја добие војната во третата година.
Кремљ во вторникот предупреди дека конфликтот меѓу Русија и НАТО ќе стане неизбежен доколку европските членки на НАТО испратат сили да се борат во Украина. Официјален претставник на Белата куќа за Reuters во понеделникот изјави дека ниту САД, ниту НАТО планираат да испратат војници во Украина.
Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак изјави дека Британија не планира да распореди повеќе сили во Украина.
„Покрај малиот број персонал што го имаме во земјата што ги поддржува вооружените сили на Украина, немаме планови за големо распоредување“, изјави портпаролот на новинарите принавајќи дека на украинска територија се наоѓаат британски офицери кои ги координираат операциите на украинските сили. Додаде дека голем број украински војници се обучуваат во Велика Британија, а Лондон го поддржува Киев и со опрема и со вооружување.
Шпанија, исто така, не се согласува со францускиот предлог за испраќање сили во Украина и сака да ја ограничи помошта за испраќање повеќе оружје и други материјали во Киев, изјави владината портпаролка Пилар Алегрија на прес-конференција во вторникот.
„Единството беше и е најефикасното оружје со кое Европа треба да се соочи против нападите на (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Алегрија.
Макрон по завршувањето на конференцијата за помош на Украина во понеделникот во Париз рече дека сите опции се отворени за да се осигура дека Русија нема да победи во војната против Украина. Макрон рече и дека засега нема консензус за употреба на копнени трупи на состанокот на над 20 шефови на држави и премиери, но дека ништо не може да се исклучи во однос на идната динамика. Секоја земја може самостојно и суверено да одлучува за распоредување на копнени трупи, додаде.