Причината за минатогодишната рецесија на германската економија е високото ниво на боледување во Германија, се наведува во студијата објавена во петокот.
„Големиот обем на боледување минатата година доведе до голем недостаток во производството. Без боледување, германската економија би пораснала за 0,5 отсто во изминатата година“, произлегува од студијата на Здружението на истражувачката фармацевтска индустрија VFA што ја пренесуваат сите германски медиуми.
Така, поради големиот број работници кои биле на боледување, германската економија се намалила за 0,3 отсто.
„Поради натпросечниот број часови што вработените ги поминувале на боледување, германската економија остварила 26 милијарди евра помалку“, велат авторите на студијата Клаус Михелсен и Симон Јункер.
Најголем број пријавени денови поминати на боледување се забележани во преработувачките индустрии како што се металната, хемиската и автомобилската индустрија.
„Германија беше буквално болна во 2023 година, а бранот боледување ја оптоваруваше економијата повеќе отколку во другите земји“, се наведува во студијата.
Во 2023 година продолжи трендот на рекорден број денови што вработените во Германија ги поминувале на боледување. Просечното боледување траело 20 дена.
Најчести болести кои се појавуваат во статистиката се инфекции на горниот респираторен тракт и грипот. Меѓу дијагнозите кои се појавуваат над просекот, често се среќава депресивноста.
Во Германија вработените сè уште можат да аплицираат за боледување по телефон кај лекар, што беше воведено за време на пандемијата на коронавирус.