Германија: Во напад со секира во воз повредена тинејџерка

Седумнаесетгодишна девојка е тешко повредена во напад со предмет кој потсетувал на секира од маж кој им се заканувал на патници во воз, соопшти во петокот германската полиција.

Осомничениот 37-годишен маж во градот Губен, близу границата со Полска, се качил во возот кој сообраќал меѓу источните германски градови Франкфурт на Одра и Котбус.

Мажот, кого полицијата го идентификувала како полски државјанин, трчал низ неколку вагони пред полицијата да биде известена за нарушување на јавниот ред и мир. Притоа оштетил делови од ентериерот и уништил екрани.

Потоа со предмет кој наликувал на секира нападнал 17-годишна девојка и ја повредил во главата, соопшти портпаролот на локалната полиција. Полициските службеници кои се качиле во возот му го одземале металното оружје. Жртвата е префрлена во болница, но не ѝ е загрозен животот.

Осомничениот се наоѓа во притвор на распит. Тој не бил под дејство на наркотици или алкохол. Полицијата засега не изнесе повеќе поединости за инцидентот, но соопшти дека во моментов не постојат знаци дека злосторството е религиски или политички мотивирано.

Медиумите потсетуваат на инцидентот од февруари годинава кога Палестинец со нож избоде неколку патници во воз на релацијата меѓу северниот градови Кил и Хамбург. Тогаш беа убиени две лица, на 16 и 19 години, а уште седум други беа ранети. Напаѓачот, кој од претходно ѝ бил познат на полицијата, кусо пред инцидентот бил пуштен од притвор.