Германија во третиот квартал произвела 20 отсто помалку електрична енергија

Германија произвека за 20 отсто помалку електрична енергија во третиот квартал отколку минатата година, објави во средата бирото за статистика, укажувајќи на послабата индустриска побарувачка и зголемениот увоз.

Во периодот од јули до септември се произведени 94,2 милијарди киловат часови електрична енергија, за околу 20 отсто помалку отколку во истиот период минатата година, откри Destatis.

Домашното производство веројатно нагло се намалило поради послабата побарувачка во енергетски интензивните индустрии и зголемениот увоз, сметаат статистичарите.

Увозот на електрична енергија се зголемил во третиот годинешен квартал за 78,1 отсто, на 23,1 милијарди киловат часови, а главни снабдувачи биле Данска, Франција и Холандија.

Извозот на електрична енергија, пак, потонал за околу 38 отсто, на 9,9 милијарди киловат часови.

Според статистичарите, во домашното производство на електрична енергија доминираат обновливите извори со учество од 60,2 отсто. Во истиот период лани овој показател изнесуваше 44,4 отсто. Производството на електрична енергија од обновливи извори се зголемил за околу осум отсто, на 56,7 милијарди киловат часови.

Кај обновливите извори доминираа ветерот и Сонцето со учество во вкупното производство од 24,4 односно 21,5 отсто. Производството на електрична енергија во ветерните електрани е зголемено за околу 16 отсто, а производството во фотоволтаичните системи за 6,6 отсто.

Производството од конвенционални извори, пак, паднало за 42,9 отсто. Главен извор бил јагленот со учество во производството од 24 отсто, а потоа природниот гас со 12,7 отсто.