Германија во четвртокот воведе нов надомест за гасот за да ги кофинансира високите трошоци на увозот по намалените испораки од Русија, зголемувајќи го оптоварувањето за граѓаните и компаниите и покрај високата инфлација.
Надоместокот за складирање на гасот од 0,59 евроценти по мегават час би требало да стапи на сила на 1-ви октомври, објави операторот на пазарот на гасот во Германија Trading Hub Europe (THE).
На почетокот од седмицава THE веќе најави од октомври надомест од 2,419 евроценти по киловатчас што на увозниците на гас би требало да им ги надомести повисоките трошоци за набавката по значително намалените испораки на енергенсот од Русија.
Новите надоместоци ќе значи дека просечно четиричлено германско семејство ќе има за речиси 500 евра поголеми трошоци за гас годишно, според процените на дигиталните платформи за споредба и анализа на цените Verivox и Check24.
Надоместокот за разликата во цените ќе ги плаќа и индустријата, па така во секторот производство на челикот сметките за енергијата ќе пораснат за дополнителни околу 500 милиони евра годишно, покрај 7 милијарди евра дополнителни трошоци кои веќе ги предизвикале високите цени на енергијата, според процената на германската индустрија на челикот.
„Надоместокот за гас значително ќе го зголеми притисок на трошоците со кој индустријата на челикот на којшто индустријата на челикот веќе е изложена поради екстремните зголемување на цените на пазарите на енергија“, изјави за медиумите претседателот на здружението на произведувачите на челик, Ханс Јирген Керкофф.
Економистите предупредија дека надоместоците дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата во најголемата според обемот економија во Европа и седма во светот, која веќе сега изнесува високи 8,5 отсто.
Надоместоците се предвидени со новиот закон за енергетската безбедност кој Германија го усвои претходно годинава, во обидите за намалување на зависноста од енергенсите од Русија, а особено откако поради техничките проблеми предизвикани од западните санкции Москва за петтина ги намали испораките на гас преку гасоводот Северен тек 1. Истовремено, Берлин попушти на притисоците на САД и уште пред почетокот на војната во Украина го суспендираше ставањето во функција на гасоводот Северен тек 2, кој во моментов би можел да работи со полн капацитет.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека за да се ублажи ударот на новите трошоци кои особено тешко ќе ги погоди сиромашните домаќинство, стапката на ДДВ-то за гасот ќе биде намалена од 19 на 7 отсто, за да се „сочува општествената кохезија“. Намалената стапка на ДДВ-то ќе остане на сила до крајот на мај 2024 година, кога надоместоците би требало да бидат укинати.