Германија засега има доволно „ремдесивир“

Германија засега обезбедила доволни резерви од лекот „ремдесивир“ и очекува производителот „Gilead“ да обезбеди доволно од овој лек за идните потребни, објави во средата германското министерство за здравство.

Според најавите, „ремдесивир“ веројатно ќе стане првиот одобрен лек во Европа за респораторната болест Covid-19 која ја предизвикува новиот коронавирус SARS-CoV-2.

Американското министерство за здравство претходно објави дека го откупило целото планирано производство на „Gilead“ на овој лек за јули и 90 отсто од производството за август и септември.

„Сојузната влада на самиот почеток обезбеди ‘ремдесивир’ за лекување на пациентите заразени со коронавирусот. Во овој момент резервите се доволни“, соопшти германското министерство за здравство.

Покрај условното пуштање на пазарот, што Европската комисија би требало да го објави оваа седмица, доаѓа и обврската за испораки доволни количества од лекот во иднина, додава германското министерство.

„Веруваме дека ‘Gilead’ ќе ја исполни таа обврска“, се наведува уште во соопштението на германското министерство за здравство.

Британскиот дневен весник The Guardian во средата објави дека САД ги купиле речиси сите резерви од „ремдесивир“, лекот за кој се тврди дека е ефикасен во лекувањето на Covid-19, наведувајќи дека остатокот од светот поради тоа нема да може да го набави.

„Ремдесивир“, првично развиен како лек против еболата но кој се покажа неуспешен против оваа болест, го произведува американската фармацевтска компанија „Gilead“ и е првата терапија којашто покажа ефикасност кај хоспитализираните пациенти заболени од Covid-19 во клиничните испитувања од поголеми размери. „Gilead“ го има патентот за лекот, па и е единствениот кој смее да го произведува.

Пократ тоа што изразуваат згрозување од едностраното американско делување во набавката на сите резерви од „ремдесивир“, стручњаците се загрижени и поради пошироки импликации од овој чин, во случај на развој на вакцина, пишува The Guardian.