Германија им даде азил на турски воени функционери

Германија им даде азил на турски воени функционери и на нивните семејства коишто имаат дипломатски пасоши, објавија во понеделникот германските медиуми, додека Анкара го критикуваше Берлин дека ги штити учесниците во неуспешниот обид за воен преврат од 15 јули 2016 година.

Германското министерство за внатрешни работи до понеделникот вечерта одбиваше да даде коментари на медиумските извештаи, но според написот во дневниот весник  Suddeutsche Zeitung како и во прилозите на регионалните јавни телевизиски канали WDR и NDR, германските власти потврдиле дека дале позитивен одговор на барањата за политички азил на одредени турски државјани.

Станува збор за турски воени функционери и воен персонал во НАТО кои се распоредени во Германија, и кои имаат дипломатски пасоши.

По неуспешниот обид за пуч минатото лето, 414 војници, дипломати, судии и турски функционери побарале азил во Германија, според податоците на тамошното министерство за внатрешни работи кои ги објавија споменатите медиуми. Во оваа бројка се вклучени и членовите на нивните семејства.

Во јануари годинава турското министерство за одбрана вршеше притисок Берлин да ги одбие барањата за азил на четириесетина турски воени лица во НАТО. Анкара, исто така, бара да ѝ бидат предадени осомничени за учество во пучот кои пребегнале во Германија.

Овие потези на Берлин се уште еден сегмент кој придонесува за многу расипаните односи меѓу Турција и Германија последните месеци, по што турската влада ги обвини германските колеги дури и дека дава засолниште на терористи. Берлин, од своја страна, пак, го критикува обемот на чистките коишто ги спроведува Анкара по пучот.