Германија постигнала договор со Грција за враќање азиланти

Германија постигна договор со Грција за враќање на имигрантите во оваа јужна членка на Европската унија, доколку таму претходно побарале азил, изјави во петокот портпаролката на германскиот министер за внатрешни работи, а медиумите оценуваат дека, сепак, не станува збор за некоја позначајна бројка.

Минатата седмица Германија и Франција, исто така, постигнаа договор за враќање на имигрантите кои претходно влегле преку француска територија. Двата договора следеа по тензичните расправи меѓу германската канцеларка Ангела Меркел, челничка на Христијанско-демократска унија (CDU) и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е челник на сестринската баварска Христијанско-социјална унија (CSU). Зехофер се закани дури со оставка од должноста, а неговата партија со излегување од децениската коалиција, доколку не биде постигнат договор на ниво на Европската унија, или поединечно со членките, за враќање на барателите на азил.

„Постигнавме договор со Германија“, изјави Елеоноре Петерман, додавајќи дека не може да ги открие поединостите од договорот, пред тој службено да биде потпишан.

Меѓутоа, напомнува дека слично како и со Шпанија, договорот со Грција ќе се однесува само на имигрантите кои во Германија влегле преку Австрија. Германија, така, ќе може да ги врати имигрантите назад во Грција во рок од 48 часа, додаде Петерман. Според неа, Германија е и „во разговори кои многу напредуваа“ со италијанската влада и наскоро очекува договор со Рим.

Сепак, договорот нема да опфати многу баратели на азил. Минатонеделните бројки на министерството за внатрешни работи покажуваат дека од средината на јуни околу 150 луѓе влегле на германска територија преку Австрија, иако се пријавиле за азил во некоја друга европска земја.

Повеќе од 1,6 милиони имигранти пристигнале во Германија од средината на 2014 година, предизвикувајќи тензии во јавноста коишто ги искористи евроскептичната и сега противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) којашто откако се појави во април 2013 година стана третата политичка сила во земјата и влезе во сојузниот парламент како најголема опозициска партија, а има претставници во 14 од 16 покраински парламенти.

Канцеларката Меркел, којашто своевремено изјави дека „мултикултурализмот е мртов“, во повеќе наврати ја бранеше својата политика на „отворени граници“ и одлуката за примање стотици илјади имигранти годишно, но по жестоките критики и во редовите на нејзината CDU ветува дека слични неконтролирани масовни приливи на баратели на азил повеќе нема да има.