Членството на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) го поддржа на гласањето влегувањето на својата партија во коалицијата со унијата на Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска баварска партија Христијнаско-социјалната унија (CSU), објавија во неделата во Берлин челниците на социјалдемократите.
„Сега е јасно: SPD ќе биде дел од идната германска влада“, изјави техничкиот претседател на партијата Олаф Шолц по објавувањето на резултатите од гласањето. Пред него благајникот на социјалдемократите, Дитмар Ниетан објави дека за влегување во коалиција гласале 66 отсто од членовите на SPD.
Со тоа е отворен патот на создавање нов состав на таканаречената Голема коалиција (ГроКо), на чело со Ангела Меркел за којашто ова ќе биде официјално четврти последователен канцеларски мандат, бидејќи се очекува на седницата во Биндестагот на 14-ти март повторни да биде избрана за оваа должност.
Демохристијаните на Меркел претходно седмицава ги претстави своите членови на владиниот кабинет, додека се очекува тоа сега да го сторат CSU и SPD.
По изборите од крајот на ланскиот септември и рекордно најслабите резултати остварени во историјата на двете традиционални германски партии, челници на SPD ја отфрлија можноста за продолжување на Големата коалиција, којашто претходно во историјата сама уште двапати била формирана. Меѓутоа, по пропаѓањето на преговорите за ткн Јамајка коалиција меѓу демохристијаните, либералите и зелените, социјалдемократите под притисок на јавноста и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, кој е од нивните редови, се согласија на разговори за составување влада, за да се избегне политичката нестабилност со владеење на малцинска влада или да се оди на повторени парламентарни избори во услови кога сѐ повеќе зајакнува евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) која за кусо време се профилираше како трета политичка сила во земјата.
Еден од условите за преговорите и формирањето на Големата коалиција беше неа да ја потврди партискиот конгрес, а самиот коалициски договор членовите на SPD со гласање. На партискиот конгрес кон крајот на јануари делегатите на SPD со тесно мнозинство од 56 отсто го прифатија предлогот на претседателството на партијата за преговори со Унијата CDU/CSU.
Голем дел од партиската база, предводен од Социјалдемократската младина, се противеше на влегувањето во коалиција со конзервативците, сметајќи дека по учеството во досегашните Големи коалиции, SPD излегувал ослабен. Претседателството на партијата се залагаше за влегување во коалицијата, сметајќи дека само така социјалдемократите може да ги остварат своите политички идеи.
Во текот на расправата за коалицирањето со Унијата во врвот на SPD дојде до кадровски превираа во коишто од партиската функција се повлече Мартин Шулц кој треба да биде нов министер за надворешни работи, за што, пак, како и за другите ресори дадени на социјалдемократите жестоко беше критикувана Меркел од базата во нејзината CDU од каде побараа и нејзини повлекувањето од лидерството на партијата. Инаку,м на партискиот конгрес на SPD во април, за нов претседател треба да биде избрана Андра Нахлес.